Има ли казна за возачите што ги прскаат пешаците? Еве како е уредено тоа во Европа и во светот

Точка

18/11/2026

16:03

570

Големина на фонт

а а а

Силните дождови се неизбежен дел од овој период од годината, но тоа не ги спречува луѓето да излегуваат надвор. Проблемите настануваат кога улиците и патиштата ќе се наполнат со вода, што не само што им го отежнува движењето на возачите, туку може да им го расипе денот и на пешаците.

Кога автомобил ќе помине низ голема бара, може да подигне „бран“ вода и да ги испрска минувачите во близина. Иако многу возачи можеби не обрнуваат внимание на тоа, во одредени земји ваквото однесување може скапо да ги чини.


Скапо невнимание

Веб-страницата „The Norway Guide“, која ја претставува оваа северноевропска земја, нејзината култура и обичаи, предупредува дека возачите во Норвешка можат да бидат казнети ако при возењето ги испрскаат пешаците со вода. Ваквото однесување може да се санкционира врз основа на општите сообраќајни прописи.

Според податоците што ги наведуваат различни извори, казните можат да достигнат неколку илјади норвешки круни. Одделни извори споменуваат износи од 4.000 до 6.000 круни, односно околу 378 до 567 евра, иако овој распон не претставува официјално утврдена тарифа.

Како да се избегне ваква ситуација? На возачите им се советува да забават кога поминуваат покрај пешаци и така да го спречат прскањето, пренесува „Pun Kufer“.


„Возење без должно внимание и обѕир“

Според британскиот Закон за патен сообраќај од 1988 година, прекршок е возењето без должно внимание и обѕир или без разумно почитување на другите учесници во сообраќајот. Тоа може да опфати и минување со автомобил низ бара, при што водата ќе испрска пешак.

Се наведува можност за фиксна казна од 100 фунти, односно околу 120 евра, и три казнени поени, додека казната изречена од суд може да достигне 5.000 фунти, односно околу 6.000 евра.

Прскањето пешаци е забрането и во Јапонија. За ваков прекршок се наведува казна до 7.000 јени, односно околу 45 евра.


А што е со Македонија?

И во Македонија е предвидена казна за возачите што ги прскаат пешаците. Според член 124 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачот што се движи по коловоз на кој има вода мора да го приспособи возењето за да не ги испрска пешаците, велосипедистите и другите наведени учесници во сообраќајот. За непочитување на оваа обврска е пропишана глоба од 35 евра во денарска противвредност. mps.mk