Ретка пропусница за посета на „Титаник“, со која мајка го испратила синот што загинал во бродоломот, ќе биде понудена на аукција во Англија.
Пропусницата, која им овозможувала на посетителите да го разгледаат познатиот „Титаник“ на денот на неговото испловување на првото, а како што подоцна ќе се покаже, и единствено патување, наскоро ќе биде понудена на наддавање во англискиот град Девајзис. Експертите задолжени за продажбата проценуваат дека овој драгоцен историски предмет би можел да достигне цена од 50.000 фунти, односно приближно 60.000 евра.
Овој лист хартија ѝ припаѓал на Елиза Дибден, чиј 18-годишен син Вилијам отпловил со познатиот прекуокеански брод, но никогаш не се вратил дома. На 10 април 1912 година, Елиза била во пристаништето во Саутемптон и го гледала заминувањето на „Титаник“, додека нејзиниот син тргнувал на патување што ќе заврши со една од најтешките поморски несреќи во историјата, пренесува „BBC“.

Пораката на задната страна крие тажна семејна приказна
На пропусницата се наоѓа препознатливото знаме на бродската компанија „White Star Line“, заедно со официјална молба до службеникот задолжен за прием на посетителите. На картичката пишува: „Ве молиме дозволете им на господинот Талбот и на двајца пријатели да го разгледаат бродот ’Титаник‘“. На документот се означени втората класа и датумот 10 април 1912 година, а на задната страна со мастило е допишано: „Госпоѓа Дибден и две сестри“.

Судбината на момчето што никогаш не се вратило дома
Младиот Вилијам, по потекло од областа Њу Форест, тргнал на прекуокеанското патување со својот роднина Амброуз Худ и група врсници. Загинал на 15 април 1912 година, ноќта кога „Титаник“ потонал во ледените води на северниот Атлантик, однесувајќи ги животите на околу 1.500 патници и членови на екипажот. Неговото тело или никогаш не било пронајдено или не било идентификувано. Споменот на него е зачуван и преку името врежано на семејниот споменик на неговите родители кај црквата „Свети Петар“ во Брамшо.

Ендру Олдриџ од аукциската куќа „Henry Aldridge and Son“ истакна дека ваква пропусница е исклучително ретка.

„Ова е единствената што сме ја виделе во текот на 25 години работа и еден од најретките предмети поврзани со ’Титаник‘ што се појавиле на аукција во последните години“, нагласи Олдриџ.

Покрај необичната пропусница, купувачите на истата аукција ќе можат да наддаваат и за потврдата за првата причест на Вилијам од 1908 година, осигурителна книга што ја опфаќа конструкцијата на трупот на „Титаник“, како и ретка разгледница што главниот бродски телеграфист ѝ ја испратил на својата сестра непосредно пред кобното испловување.











