Предупредување за сопствениците на „iPhone“: Хакери крадат податоци преку познати веб-страници

Точка

18/11/2026

17:14

754

Големина на фонт

а а а

Различни веб-страници биле заразени откако сајбер-криминалци вметнале злонамерен код „JavaScript“ преку платформата „Optimizely“.

Популарни веб-страници, меѓу кои оние на „Zoom“, „IKEA“, „BBC“, „CNN“, „Equifax“ и „GitLab“, неодамна биле компромитирани во напад врз синџирот на снабдување, чија цел била кражба на криптовалути и заразување уреди „iPhone“ со злонамерен софтвер.

Според безбедносниот истражувач Скот Хелм, злонамерниот код „JavaScript“ бил поставен на веб-страниците на 178 организации преку платформата за оптимизација на веб-страници „Optimizely“.

Скриптите се обидувале да ги заменат адресите за плаќање со криптовалути со адреса на паричник под контрола на хакерите, да украдат броеви на кредитни картички додека корисниците ги внесувале, да извлечат колачиња и снимки од екранот, како и да инсталираат код за искористување ранливости на уредите со „iOS“.


Во изјава за „BleepingComputer“, од „Optimizely“ потврдиле дека напаѓачите искористиле ранливост во процесот на регистрација на сметки за експериментирање. Од компанијата дополнително соопштиле:

„Го блокиравме пристапот до ранливата патека и применивме исправка. Го отстранивме вметнатиот код од погодените проекти. Ги прекинавме и активните сесии, го поништивме токенот и го ресетиравме пристапот до компромитираните кориснички сметки. На крајот, ја блокиравме испораката на каков било код преку ’Cloudflare‘.“

Компанијата за сајбер-безбедност „HudsonRock“ исто така тврди дека заразените страници им испорачувале злонамерен код на посетителите. Сепак, не е јасно дали обидите за искористување на ранливостите биле успешни во секој случај.


Меѓу другите веб-страници погодени од овој напад врз синџирот на снабдување се и оние на „Fox News“, „American Girl“, „HSBC“, „UNICEF USA“, „Salesforce“, „Change.org“ и „American Eagle“.

Како одговор на инцидентот, од „Salesforce“ соопштиле дека истражуваат неовластени измени на скриптите на „Optimizely“ и дека засега ги оневозможиле.

„Продолжуваме со истрагата и ќе ги известиме погодените клиенти без непотребно одложување доколку утврдиме неовластен пристап до нивните податоци“, се наведува во соопштението на компанијата.

И „Equifax“ престанала да ја користи платформата за оптимизација, нагласувајќи дека не пронашла докази за какво било компромитирање на своите системи.


Корисниците што внесувале податоци за платежни картички на веб-страници за кои е потврдено дека биле заразени треба да ги следат своите сметки за да забележат евентуални неовластени трансакции и да ја контактираат банката доколку воочат сомнителна активност.

На сопствениците на „iPhone“ и „iPad“ што ги посетиле погодените веб-страници им се советува да проверат дали на уредите ја имаат најновата верзија на „iOS“ или „iPadOS“, бидејќи нападот бил насочен кон ранливости во постарите верзии.

Компанијата „Apple“ засега не се огласила за овој случај.