Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп води истрага за извоз на чипови против компанија со која претходно раководела Алис Хуанг. Таа била во врска со поранешниот извршен директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, а американските власти се сомневаат дека била поврзана со кинески разузнавачки активности.
Американското Министерство за правда ја води кривичната истрага против „Megaspeed“, сингапурска компанија што управува со центри за податоци, пренесува „The Telegraph“.
Алис Хуанг ја основала компанијата и извесно време раководела со неа. Според тврдењата на американски претставници, таа била регрутирана да го шпионира Хуанг, со кого била во љубовна врска.
Се испитува дали „Megaspeed“ учествувала во нелегален извоз на чипови и помогнала најнапредната технологија на „Nvidia“ да стигне до Кина со заобиколување на американските ограничувања.
Хуанг (63) се повлече од функцијата извршен директор на „Nvidia“ минатата недела, откако во јавноста се појавија информации за најмалку две негови вонбрачни врски, меѓу кои и онаа со Алис Хуанг. Двајцата не се во роднинска врска.
Jensen Huang’s 'spy' mistress had a secret HUSBAND: Nvidia plot thickens as details emerge on lover’s past with financier who fell foul of Chinese authorities https://t.co/uJX460B5kv
— Daily Mail US (@Daily_MailUS) November 11, 2026
Американските министерства за трговија и за правда во заедничко соопштение наведоа дека соработуваат за да ги преземат „сите законски мерки во врска со евентуално сторени кривични дела“ во случајот со „Megaspeed“.
Двете министерства беа критикувани затоа што не поведоа постапка за санкционирање на „Megaspeed“, иако компанијата е под истрага поради сомнежи дека испорачувала напредни чипови за вештачка интелигенција во Кина.
Пекинг и Вашингтон се натпреваруваат за технолошка доминација, а САД го ограничуваат извозот во Кина на најсовремените силициумски чипови, кои се клучни за развојот на вештачката интелигенција.
По избивањето на скандалот, Вашингтон најави дека ќе ги заостри контролите на извозот на чипови за вештачка интелигенција.

Кинеското Министерство за надворешни работи во вторникот соопшти дека владата ќе преземе „неопходни мерки“ за да ги заштити своите интереси. Реакцијата следуваше откако администрацијата на Трамп најави дополнителни ограничувања на пристапот на Кина до напредните чипови за вештачка интелигенција на компании како „Nvidia“.
„Одлуката на САД е типичен пример за економска принуда и отстапува од договорот што го постигнаа двете земји“, им изјави на новинарите во Пекинг портпаролот на кинеското министерство, Гуо Џиакун.
Американското Министерство за трговија ја отвори истрагата за „Megaspeed“ уште во 2024 година поради можно прекршување на правилата за контрола на извозот, се наведува во заедничкото соопштение.
Во мај 2025 година, Министерството побарало од „Nvidia“ документација за „директна или индиректна продажба на ’Megaspeed‘“.
Веќе следниот месец, „Nvidia“ ја ставила „Megaspeed“ на својата листа на компании на кои не им ги продава своите производи. Во меѓувреме, американски федерални агенти извршиле проверка во седиштето на компанијата во Сингапур и разговарале со Алис Хуанг.

„По оваа мерка, Министерството за правда ја презеде водечката улога во кривичната истрага против ’Megaspeed‘“, се наведува во соопштението.
Скандалот ги откри и несогласувањата во администрацијата на Доналд Трамп.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент го обвини Министерството за трговија дека ги игнорирало извештаите според кои „Megaspeed“ пренесувала технологија на „Nvidia“ во Кина.
Бесент во петокот изјави дека неговото министерство со месеци бара од Министерството за трговија да ја стави „Megaspeed“ на таканаречената листа на ентитети, односно на трговската црна листа. Тој додаде дека токму Министерството за трговија е надлежно да донесе таква одлука.
„За нивните внатрешни процедури ќе мора да ги прашате нив“, рече Бесент.
Министерот за трговија Хауард Латник се согласи да сведочи пред Сенатот за случајот.

Трамп во понеделникот изјави дека Бесент и Латник имаат различни ставови за тоа како да се одговори на пропустот што ѝ овозможил на Кина пристап до напредни чипови за вештачка интелигенција преку центри за податоци во други земји.
„Едниот сака да имаме пријателски однос кон Кина, а другиот сака конфронтација со Кина. И двете опции се прифатливи, но тоа се различни гледишта“, им рече Трамп на новинарите во понеделникот.
Хуанг се согласил да сведочи зад затворени врати пред Претставничкиот дом на американскиот Конгрес пред Денот на благодарноста, кој годинава се одбележува на 26 ноември.
Тој се повлече од чело на „Nvidia“ минатиот четврток, откако во писмо до вработените призна дека имал вонбрачна врска.
Трамп им рече на новинарите дека Хуанг му кажал оти не знаел за сомнежите дека Алис Хуанг шпионирала во корист на Кина.
„Го прашав: ’Имавте ли каква било претстава дека таа е шпионка?‘ Ми одговори: ’Немав поим дека е шпионка‘, и навистина му верувам“, рече Трамп.
President Donald Trump said Monday (16 November) no one had proven Jensen Huang’s mistress was a spy. US officials have described Alice Huang as a suspected asset of China’s Ministry of State Security. https://t.co/FJw4fzHzHb
— The Independent (@Independent) November 16, 2026










