Не е важно само колку спиете, туку и кога легнувате: Нова студија откри поврзаност со слабеењето

Точка

17/11/2026

20:34

499

Големина на фонт

а а а

Лицата со предијабетес кои во текот на осумнеделна програма си легнувале порано изгубиле повеќе килограми, покажало истражувањето на Универзитетот во Њујорк. Сепак, нивото на шеќер во крвта не се подобрило, што било спротивно на очекувањата на научниците.

Методологија на истражувањето

Студијата е објавена во научното списание „Nursing Research“, а во неа учествувале 196 возрасни лица со предијабетес. Учесниците биле на возраст од 21 до 64 години и сите спиеле помалку од шест и пол часа во текот на ноќта. Биле поделени во две групи.

Двете групи во текот на осум недели учествувале во неделни видеоповици посветени на здравата исхрана, физичката активност и справувањето со стресот.

Едната група дополнително учела за хигиената на спиењето и добила план за постепено поместување на времето на легнување кон порано.


Сите учесници воделе дневник за спиењето, а пред и по завршувањето на програмата носеле уреди за континуирано мерење на гликозата и нараквици што ги следат физичката активност и сонот.

Поголемо губење на килограми, но непроменето ниво на шеќер во крвта

Двете групи почнале да спијат подобро и изгубиле тежина, но групата што ја поминала дополнителната програма за спиење забележала поголемо подобрување на квалитетот на сонот и помала поспаност во текот на денот.

Нивото на шеќер во крвта останало непроменето кај двете групи.

Кај сите испитаници, без оглед на групата во која припаѓале, пораното легнување било поврзано со поголемо губење на килограми. Секој час порано легнување во просек бил поврзан со околу 0,6 килограми помала телесна тежина во текот на осум недели.

Научниците нагласуваат дека станува збор за поврзаност, а не за директен доказ дека пораното легнување предизвикува слабеење.


Времето на легнување е поважно од времетраењето на спиењето

„Се чини дека времето на легнување, а не само времетраењето на сонот, е важен и често занемарен фактор за губење на килограмите и метаболичкото здравје“, изјавила главната авторка на студијата, Сузан Кол Мелоун, доцентка на Факултетот за медицински сестри „Рори Мајерс“ при Универзитетот во Њујорк.

Таа додала дека истражувачите очекувале подолгото спиење кај лицата со предијабетес, кои вообичаено спијат малку, да го подобри нивото на гликоза во крвта и да помогне во слабеењето, но резултатите не ги потврдиле овие очекувања.

Мелоун објаснила дека пораното легнување може да го ограничи консумирањето храна доцна навечер.


Ова е важно бидејќи чувствителноста на инсулин и толеранцијата на гликоза се најниски токму во доцните вечерни часови.

Научниците наведуваат и други можни причини: помала изложеност на вештачка светлина во текот на ноќта, посмирен симпатички нервен систем и намален апетит поради пониските нивоа на хормонот грелин.

Тие заклучиле дека промената на времето на легнување би можела да биде корисна мерка за подобрување на метаболичкото здравје.