По 13 години чекање, две одложувања и неколку протекувања на информации што силно одекнаа во јавноста, објавувањето на „Grand Theft Auto 6“ забрзано се приближува.
Следното поглавје од речиси триесетгодишниот серијал, во кој играчите истражуваат отворени светови и го прекршуваат законот, предизвика невидено исчекување.
Но, додека студиото „Rockstar Games“ го чува во тајност своето досега најголемо издание, посебен третман не добиле ниту луѓето што помогнале да се создаде оригиналната игра.
„Сите чекаме да видиме што направиле“, ми вели Дејв Џонс, еден од творците на „GTA“, седејќи покрај Брајан Баглоу, сценарист и промотор на оригиналната игра.
Дали некој од нив имал можност да ја игра новата игра пред нејзиното официјално објавување?
Баглоу одмавнува со главата.
Но, не се жали.
„Ја нарачав во претпродажба“, вели тој.

Оригиналниот „Grand Theft Auto“ беше објавен во 1997 година. Го создаде „DMA Design“ во Данди, Шкотска, релативно мал тим, барем според стандардите на подоцнежните игри.
По успехот на нивната логичка игра „Lemmings“, во студиото почнале да ја разработуваат идејата за тркачка игра, првично наречена „Race’n’Chase“.
Децении подоцна, додека седиме во современата компјутерска лабораторија на Универзитетот Абертеј во Данди, Џонс ми кажува дека авторите сепак сметале оти треба да понудат нешто сосема ново.
„Во ’DMA‘ секогаш сакавме нешто поинакво“, вели тој.
„Каков оригинален пристап можеме да понудиме?“
Дел од одговорот, објаснува тој, се криел во можност што денешните играчи како да ја земаат здраво за готово: „едноставно да излезете од автомобилот“.
Можноста не само да возите, туку и да менувате и крадете автомобили, движејќи се пеш меѓу нив, значела дека „одеднаш добивате интересна мешавина од различни игри споени во една“.
„Позабавно“ е кога играте како негативец
Тимот замислил игра, вели Џонс, во која би можеле да играте и како криминалец и како полицаец.
Но, набрзо се премислил за втората опција, бидејќи тоа би барало од играчите да „се однесуваат според правилата“.
„Во еден момент само рековме: знаете што, многу е позабавно да се игра како негативец. И така играта тргна во таа насока“, додава тој.
И покрај некои сосема нови пристапи во дизајнот, Џонс вели дека играта првично се продавала побавно од „Lemmings“, делумно затоа што требало „да ја играте за да сфатите во што е работата“.
„Цела година по објавувањето, ’GTA‘ продолжуваше да се продава и да се продава“, вели Баглоу.
„Мислиме дека тајната беше во препораките од уста на уста. Луѓето што ја играа им велеа на другите: ’Леле, сте ја играле ли оваа игра?‘“

Темите на криминал и насилство предизвикаа контроверзии, расправи во британскиот парламент и повици за забрана на играта.
Сепак, подоцна се покажа дека голем дел од вревата ја поттикнал самиот издавач, „BMG Interactive“, како дел од маркетиншки потег осмислен да се прошири меѓу јавноста.
„Едноставно правевме работи што ни беа забавни“, вели Џонс.
„Во ниту еден момент не се запрашавме: смееме ли да го правиме ова?
Дали е контроверзно? Никогаш не размислувавме на тој начин.“
Иако визуелно била релативно едноставна, со дводимензионален приказ и графика поблиска до аркадните игри, оригиналната игра го воспоставила образецот на препознатливата сатира што се задржа и во многу понапредните продолженија на „GTA“.
И покрај тоа што дејството е сместено во претерани прикази на американски градови, шкотскиот дух се препознава во хуморот и во погледот однадвор, вели Кеза Мекдоналд, уредничка за видеоигри во „The Guardian“.
„Тоа е изразито сатирична игра“, вели таа.
„Таа навистина ги напаѓа хипериндивидуалистичката и хиперкапиталистичката природа на Америка.“
Делумно поради релативно малиот буџет и трошоците за лиценцирање вистински брендови, тимот измислил духовити имиња на компании и фиктивни радиостаници што играчите можеле да ги слушаат додека возат и создаваат хаос.
Иако некои од овие решенија произлегле од ограничувањата, Баглоу вели дека токму создавањето на светот е она на што е најгорд во оригиналот. Тоа е и голем дел од причината поради која играта има препознатлив идентитет на „GTA“.
„Тука се имињата на компаниите, радиостаниците, текстовите на песните, диџеите“, вели тој.
„Секој од тие елементи ве убедува дека опкружувањето во кое се наоѓате е дел од една голема, поврзана целина.“
Кога „GTA 5“ беше објавена во 2013 година, заработи милијарда долари за само три дена, побрзо од кој било друг производ во забавната индустрија дотогаш.
Серијалот стана културна референца сам по себе: нешто што луѓето го препознаваат, го разбираат и го споменуваат дури и надвор од светот на видеоигрите.
„Гледав филмови во кои ликовите велеа: ’Немој сега да се претвориш во некој од GTA’ … Беше надреално“, вели Џонс.
Мекдоналд, со која седам во гејмерското кафуле „RCade“ во Глазгов, вели дека денес може да се тврди оти, иако пораните игри од серијалот преземале многу од големото платно, сега филмовите се „многу повеќе под влијание на ’GTA‘“ отколку обратно.
Според неа, подоцнежните продолженија имаат филмски дух, но истовремено го задржуваат сопствениот, единствен идентитет.
Џонс смета дека причината поради која играта станала толку голем културен феномен е едноставна: таа „се темели на вистинскиот живот“.
„Не е како повеќето игри што се научна фантастика, авантури или фантазија“, вели тој.
„Нема ништо што треба да научите, сè додека знаете како функционира еден град и умеете да возите.“
Се очекува „GTA 6“ да го надмине својот претходник на секое ниво: по обем, размери и приходи.
И „PlayStation“ и „Xbox“, платформите на кои играта првично ќе биде објавена, веќе соопштија дека таа станала најнарачуваната игра во претпродажба во историјата на нивните дигитални продавници.

Дел од причината би можела да биде и нејзината големина од 212 гигабајти. Многумина ја купуваат однапред за да можат претходно да ја преземат и да биде подготвена за играње веднаш по објавувањето, наместо тогаш да чекаат да се симне.
Возбудата се прелеа и во реалниот свет. Лондонските стоковни куќи „Selfridges“ се претворија во привремени тематски атракции инспирирани од Вајс Сити, а фиктивните брендови од „GTA“ се појавија на билборди низ Мајами, градот што ја инспирираше играта.
„Сите се многу возбудени поради ова“, вели Мекдоналд.
„Се надеваат дека ќе ѝ даде поттик на целата индустрија за видеоигри, а секој играч сака да види и на што работел ’Rockstar‘ сето ова време.“
„Многу ретко имаме една толку голема игра што секој, ако не ја игра, барем ќе сака да ја види.“
Дали Џонс и Баглоу некогаш жалат што повеќе не работат на играта, со оглед на огромното внимание што таа го привлекува низ светот?
„Мислам дека секому му е убаво да работи на едно, две или три продолженија“, вели Џонс.
„Но, на крајот сакате да продолжите понатаму и да работите и на други работи.“
Баглоу додава дека „било огромно задоволство да се гледа како остатокот од светот се вљубува во играта во изминатите 29 години“.
„На младите луѓе таа им значи многу, и тоа е фантастично.“














