Милијарди се „слеваат“ во вештачката интелигенција: „Goldman Sachs“ ја изнесе прогнозата

Точка

14/11/2026

20:16

445

Големина на фонт

а а а

Инвестициите на американските компании поврзани со вештачката интелигенција ќе бидат главен двигател на растот на деловните инвестиции и во 2027 година, а нивната годишна вредност во сегментот на хардвер и интелектуална сопственост би можела да достигне 1,4 трилиони долари, проценува њујоршката инвестициска банка „Goldman Sachs“ во извештај објавен денес.

Според прогнозата на оваа инвестициска банка, годишното темпо на инвестиции во хардвер за вештачка интелигенција и интелектуална сопственост ќе надмине 900 милијарди долари до крајот на 2026 година, додека во 2027 година би можело да се зголеми на 1,4 трилиони долари, што одговара на износ од речиси четири проценти од бруто-домашниот производ на САД, објавува „Ројтерс“.

Инвестициите поврзани со технологијата за вештачка интелигенција директно ќе придонесат за растот на капиталните инвестиции во САД во 2027 година за 5,3 процентни поени, вклучувајќи ги и инвестициите во производство на полупроводници, додека нивниот придонес кон растот на БДП на САД би можел да изнесува 0,6 процентни поени, забележува „Goldman Sachs“.


Доколку инвестициите во полупроводници се исклучат од статистиката, придонесот на инвестициите поврзани со вештачката интелигенција кон растот на капиталните инвестиции се проценува на 4,3 процентни поени, а придонесот кон растот на БДП на само 0,2 процентни поени.

„Goldman Sachs“ очекува вкупните деловни инвестиции во Соединетите Американски Држави да растат со квартална стапка од осум проценти во 2027 година, што е речиси двојно повеќе од консензуалната прогноза на аналитичарите од 4,2 проценти.