[ФОТО] Археолошка сензација во Авганистан: Под урнатините на Кабул откриено богатство старо повеќе од 2.000 години

Точка

16/11/2026

21:30

635

Големина на фонт

а а а

Високо над јужниот раб на стариот дел на Кабул се издигнува импозантната тврдина Бала Хисар, која преживеала векови инвазии, востанија и конфликти што оставиле длабоки лузни врз Авганистан и ја довеле оваа цитадела на работ на пропаста.

Денес, благодарение на обемниот повеќегодишен проект на организацијата Фонд Ага Кан за култура (AKTC), Бала Хисар минува низ внимателен процес на конзервација. Целта е локалитетот да се претвори во јавен археолошки парк со уредени градини, ресторани и музеј.

И покрај децениите запоставување и војни, археолошките богатства што постепено излегуваат на виделина во рамките на оваа стратешки важна тврдина во авганистанската престолнина откриваат повеќе од два милениуми бурна историја на земјата, пишува „Асошиејтед прес“.

„Како подморница што излегува од океанот“

Ископувањата откриваат неверојатно богатство од наоди, од докази за древни човечки населби до остатоци од будистички манастир и луксузни бањи на могулска палата.

„Никогаш не помисливме дека ќе пронајдеме толку многу“, изјавил археологот Бабак Рафиеи-Алави, стоејќи на едно од археолошките наоѓалишта во Бала Хисар, додека работниците внимателно ја пребарувале земјата со мали алатки.


„Тоа е како подморница што излегува од океанот“, додал тој.

Ископувањата во пет одделни археолошки ровови довеле до откривање древни монети, фрагменти од будистички статуи, глазирана исламска керамика, маслени светилки, безброј парчиња грнчарија, како и остатоци од палати, манастири и станбени објекти.

„На одредени места очекувавме дека ќе пронајдеме нешто. Но, не и ова“, изјавил Рафиеи-Алави, осврнувајќи се на откривањето на остатоците од могулска палата со ѕидни слики, конструкција што наликува на престол и базен во форма на ѕвезда, издлабен во карпа на врвот на ридот.

„Низа бисери“ од древни населби

Положбата на Бала Хисар, чие име на јазикот дари значи „Висока тврдина“, е клучна за нејзиното значење. Утврдувањето се протега по истакнатиот планински гребен на Кух-е Шер Дарваза и доминира над стариот дел на Кабул, што низ историјата му овозможувало контрола врз пристапните патишта кон градот.

Бала Хисар, исто така, бил важен верски центар и политичко седиште на моќта, сместен на клучна трговска рута што го поврзувала Индискиот потконтинент со Централна Азија и другите региони.

Како што рекол раководителот на проектите за културни услуги на Ага Кан, Мустафа Нури, локалитетот бил „дел од низа бисери составена од вакви културни и човечки населби“.

Низ вековите, локалитетот служел како тврдина, комплекс од палати, арсенал, административен центар, затвор и воен гарнизон.

„Бала Хисар ја отсликува секоја фаза од авганистанската историја, сè до американското присуство и периодот по него“, изјавил Нури.

Од некогашните кралски палати и будистички манастири денес останале само траги. Она што останало непроменето е неговата улога како стратешка одбранбена точка, од првиот век пред нашата ера, преку Могулското Царство, англо-авганистанските војни, советската инвазија, граѓанската војна, па сè до интервенцијата на коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави. Дел од пониските делови на локалитетот и понатаму ги користи авганистанската војска.

„Практично, кој и да го контролирал Бала Хисар, го контролирал Кабул и целиот регион“, објаснил Нури.

Тврдината со векови трпела разурнувања

Иако Бала Хисар низ вековите повеќепати бил уриван и обновуван, најтешкиот удар го претрпел во 1879 година, кога британските трупи, како одмазда за убиството на британскиот пратеник Сер Луис Кавањари и членовите на неговата придружба во тврдината, уништиле голем дел од комплексот.

Денес, овој простран локалитет и понатаму ги носи лузните од долгогодишното запоставување и бројните конфликти во Авганистан.


Делови од одбранбените ѕидини се урнале. На падината што води кон највисоката точка на тврдината се наоѓа ’рѓосан советски тенк, еден од неколкуте што сè уште се наоѓаат во рамките на ѕидините. Во подножјето на ридот лежат уништени и дотраени остатоци од советска воена опрема. Во близина се наредени и делови од тешко вооружување што американските сили го оставиле по повлекувањето во 2021 година, а кое сега е во сопственост на авганистанската војска.

Рафиеи-Алави наведува дека американските сили во 2008 година срамниле со земја дел од просторот во рамките на ѕидините, при што „уништиле многу археолошки слоеви“.

Амбициозни планови за археолошки парк

Планирањето на амбициозниот проект за конзервација, предводен од АКТЦ, започнало во 2017 година, додека работите почнале следната година. По првичните истражувања и документирањето на теренот, вклучувајќи ја и употребата на георадар и тридимензионално ласерско скенирање, биле спроведени итни мерки за стабилизација со цел да се спречи понатамошното уривање на историските утврдувања.

Во ископувањата првично учествувала и Француската археолошка делегација во Авганистан, но работата била привремено прекината откако талибанците ја презеле власта во 2021 година.

Француските експерти не се вратиле, но АКТЦ продолжил со активностите и од 2022 година ги спроведува најобемните работи досега, изјавил Нури.


Со користење камен од локални извори, делови од одбранбените ѕидини се обновуваат. Во согласност со меѓународните стандарди за конзервација и реставрација, новите делови намерно се разликуваат од оригиналната конструкција и се благо повлечени или истакнати во однос на старите делови, објаснил Нури.

Метални зајакнувања сега држат една од надворешните кули, која претходно се распукала на два дела и била пред уривање.

Главната цел на проектот е претворање на Бала Хисар во јавен археолошки парк.

Обемот на локалитетот и амбициозноста на проектот, кој вклучува и програма за обука на авганистански студенти по археологија, претставуваат „долгорочна обврска што се мери во децении, бидејќи не станува збор само за конзерваторски работи, туку и за исклучително богато археолошко наоѓалиште“, истакнал Нури.

Еден од археолошките ровови веќе достигнал длабочина од 11 метри, а допрва треба да бидат откриени уште многу работи.


„Каде и да копате во Бала Хисар, ќе пронајдете нешто, бидејќи ова место е населено повеќе од 2.000 години“, изјавил Рафиеи-Алави.

Талибанската влада „посветена на зачувувањето на историјата“

Авганистанските власти наведуваат дека сакаат да го зачуваат културното наследство и историските локалитети на земјата, што претставува радикален пресврт во однос на претходниот период на владеење на талибанците, од 1996 до 2001 година.

Талибанците во 2001 година со експлозив уништиле две огромни статуи на Буда од шестиот век, издлабени во карпите кај Бамијан, во централен Авганистан. Истовремено, го ограбиле Националниот музеј на Авганистан во Кабул и уништувале древни артефакти, особено статуи што ги сметале за неисламски.

Меѓутоа, денес актуелната талибанска власт тврди дека е посветена на заштитата на националните споменици.


„Ја препознаваме важноста на зачувувањето на древните локалитети во нашата земја“, изјавил портпаролот на Министерството за информации и култура, Хубаиб Гуфран.

„На остатоците од минатите цивилизации гледаме како на драгоцени извори на знаење и поуки. Целосно го разбираме нивното значење“, додал тој.

Владата ѝ дава приоритет на обновата на загрозените споменици, како што е Бала Хисар, „за да можеме наследството од минатите и сегашните цивилизации да им го пренесеме на идните генерации во што е можно подобро зачувана состојба“, заклучил Гуфран.