За првпат во историјата на вселенската градба, робот самостојно изгради конструкција во вселената, без помош од астронаути.
Ова достигнување најавува нова ера на градба надвор од Земјата, во која можностите помалку ќе зависат од димензиите на товарот што може да се смести во ракета.
Роботот, наречен „Autonomous In-Space Tensioned Reflector Assembly“ („ASTRA“), го развија истражувачи од Калифорнискиот технолошки институт („Caltech“), со финансиска поддршка од американската Агенција за напредни истражувачки проекти во одбраната („DARPA“).
„ASTRA“ постепено спои низа композитни цевки зајакнати со влакна и алуминиумски спојници, со што изгради еден сегмент од планираната рефлекторска антена со дијаметар од околу 1,4 метри.
Иако е завршен само првиот дел од антената, тимот што ја разви технологијата смета дека тоа е важен доказ дека таа може да се примени во практика.

Основните материјали и градежните елементи се пакуваат заедно за транспорт во вселената, а потоа роботот го презема нивното склопување. Кога ќе заврши еден сегмент, го поврзува со постојната конструкција и почнува да го гради следниот.
Според истражувачите од „Caltech“, применетите техники може да се користат и во значително поголеми проекти.
„Развојот на корисен товар со ваква сложеност за толку кратко време беше огромен потфат за нашиот мал тим. Сега, додека ја привршуваме мисијата, конечно можеме да почнеме да размислуваме за новите можности за истражување што ги отвори оваа демонстрација“, изјави воздухопловниот инженер Серџо Пелегрино, раководител на тимот на „ASTRA“.
Досега имаше два основни начина за изградба на објекти во вселената: да се испратат поединечни делови и постепено да се склопат или целата конструкција да се спакува во ракетата во компактна форма, а по пристигнувањето на одредиштето да се расклопи до полната големина.

Новата технологија отвора можност за трет пристап, кој би овозможил изградба на сè поголеми конструкции во орбитата на Земјата. Крајната цел е да се градат конструкции долги стотици метри, па дури и километри.
„Кога конструкциите ќе станат преголеми за однапред да ги изградиме на Земјата, а потоа да ги расклопиме во орбитата, ќе мора да размислуваме како да ги градиме директно во вселената. Затоа оваа работа би можела да биде корисна и за астрономијата и астрофизиката, и за комуникациите и други области, на пример за изградба на многу големи соларни панели за производство на енергија во вселената“, објаснува Пелегрино.
„ASTRA“ е развиена во рамките на програмата „Novel Orbital and Moon Manufacturing, Materials and Mass-efficient Design“ („NOM4D“), која „DARPA“ ја започна во 2022 година за да истражи нови начини на производство и градба во вселената.
Уште еден проект од програмата „NOM4D“ треба да започне пред крајот на годината. Тим од Универзитетот на Илиноис во Урбана-Шампејн, во САД, ќе испрати уред на Меѓународната вселенска станица („ISS“) за да ги испита можностите за производство на материјали во орбитата.

Астронаутите на станицата ќе тестираат метод за претворање на течни материјали во цврсти. Како и кај проектот „ASTRA“, целта е да се намали количеството материјали што треба да се лансираат со ракети, а поголем дел од производството да се одвива во вселената.
„Во идната вселенска економија ќе ни бидат потребни големи објекти. Замислете големи складишта или живеалишта во вселената, големи соларни панели за собирање енергија или големи радиотелескопи за истражување на најоддалечените делови на вселената. За сето тоа се потребни големи конструкции, а „NOM4D“ ни го отвора патот побрзо да ги развиеме способностите за нивна изградба“, вели Ендру Дитор, раководител на програмата „NOM4D“.
Овие проекти засега се ограничени на демонстрациски конструкции со релативно мали димензии, но претставуваат важен чекор кон иднината на вселенската градба. Еден ден, на овој начин би можеле да се склопуваат големи вселенски станици, вселенски летала и научни инструменти. „NASA“ веќе има посебна програма посветена на сервисирање, склопување и производство во вселената.













