Кралот Чарлс Трети оваа недела бил во посета на Карибите, по повод состанокот на шефовите на владите на Комонвелтот кој се одржал во Антигва и Барбуда. За време на службеното патување британскиот монарх камерите го следеле на секој чекор, а дел од фотографиите предизвикаа лавина од реакции на социјалните мрежи, особено оние кои ги прикажуваат рацете на кралот.
Имено прстите на Чарлс изгледале отечено, што поттикна загриженост за неговата здравствена состојба. Некои се прашуваа дали отечените прсти се последица на терапијата против ракот или се работи за друг здравствен проблем.
Многумина ги споделија своите мислења за тоа што стои зад состојбата на Чарлс, вклучително и експерти кои за „Дејли мејл“ истакнале неколку причини поради кои рацете или прстите може да отекуваат. Докторката Стефани де Џорџо рекла дека можни причини се задржување на течности во телото, Рејнов синдром и смрзнатини. Таа додала дека на отекувањето на прстите може да влијаат и високите температури, влажниот воздух, како и напорот предизвикан од долго патување.

„Луѓето често се убедени дека се работи за нешто сериозно. За среќа тоа најчесто не е така. Сепак, клучно е да се знае како да се препознае разликата и кога да се побара помош“, истакнала таа.

Таа го спомнала и дактилитис, состојба позната како „прсти со форма на колбас“, чии симптоми вклучуваат воспаление, чувство на топлина, болка и намалена подвижност на зглобот. Сепак, врз основа на фотографии не може да се постави дијагноза.


Инаку отечените прсти на Чарлс веќе со години привлекуваат внимание, а тој неколку пати се пошегувал во врска со тоа. За време на пробата за крунисувањето, прикажана во документарецот на Би-би-си „Чарлс III: Годината на крунисувањето“, му рекол на принцот Вилијам: „Не, ти немаш прсти дебели како колбаси како мене“.

Кралот Чарлс Трети во февруари 2024 година објави дека боледува од рак и дека дијагнозата му била поставена по интервенција поради зголемена простата. Меѓутоа не открил за каков вид рак станува збор. И покрај тоа што бил подложен на лекување, Чарлс продолжил да ги извршува должностите.











