„Xpeng G9L“ му конкурира на „BMW X5“, со цена од 74.600 евра.
Кинескиот производител „Xpeng“ на Саемот за автомобили во Париз го претстави својот нов луксузен SUV „G9L“, наменет и за европскиот пазар.
Моделот ќе биде достапен во целосно електрична верзија и како EREV, односно електричен автомобил со продолжувач на досегот.
Почетната цена во Германија изнесува 74.600 евра, додека на одредени други европски пазари ќе чини меѓу 74.990 и 75.990 евра.
Тоа го прави значително поевтин од „BMW X5“, чија цена во плагин-хибридната верзија „X5 50e xDrive“ започнува од 102.800 евра.
„Xpeng“ планира продажба на моделот „G9L“ на 64 пазари низ светот, вклучувајќи ги Австралија и Нов Зеланд. Автомобилот ќе се произведува во Кина, но и во фабриката на компанијата „Magna Steyr“ во Австрија.

Електричната верзија има досег до 553 километри
Верзијата со продолжувач на досегот комбинира 1,5-литарски турбобензински мотор, кој служи за производство на електрична енергија, со електромотор и батерија со капацитет од 63 kWh.
Вкупната моќност на системот изнесува 585 КС, со вртежен момент од 695 Nm, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 5,4 секунди.
Според кинескиот циклус CLTC, оваа верзија може да помине до 435 километри само на струја, додека комбинираниот досег изнесува дури 1.602 километри.

Бензинскиот мотор не ги придвижува тркалата директно, туку произведува електрична енергија за погонскиот систем.
Целосно електричните верзии ќе користат батерии со капацитет од 91,9 или 110 kWh.
Најмоќната ќе има два електромотора со вкупно 585 КС и 695 Nm, а декларираниот досег според циклусот WLTC изнесува до 553 километри.
Поддржано е брзо полнење со еднонасочна струја со моќност до 540 kW, па батеријата од 10 до 80 отсто од капацитетот се полни за помалку од 12 минути.

Луксузна кабина и напредни системи за помош на возачот
„G9L“ нуди системи за асистенција при возење во град и на автопат, помош при промена на сообраќајната лента и асистенција водена од навигацијата.
Кабината е опремена со напа-кожа, а предните седишта имаат греење, вентилација и масажа во 16 точки.
Вториот ред може да се добие со класична клупа или со две одделни седишта, додека седиштата во третиот ред имаат греење.
Меѓу дополнителната опрема се централниот екран од 17,3 инчи, проекциски дисплеј со проширена реалност од 88 инчи, аудиосистем со 26 звучници, фрижидер со зафатнина од 12,5 литри и екран од 21,4 инчи што се спушта од таванот за патниците во вториот ред.




















