Фризурата што ја обожава генерацијата З доведува до опаѓање на косата: Експертите предупредуваат на сè попопуларниот тренд

Точка

02/11/2026

08:32

616

Големина на фонт

а а а

Затегнатите пунџи и опавчиња со мазно зачешлана коса, кои ги популаризираа познатите личности како Бела Хадид, можат да доведат до разредување на косата, предупредуваат експертите.

Затегнатите пунџи и опавчиња со мазно зачешлана коса („slick-back“) се заштитен знак на познатите личности како Бела Хадид уште од почетокот на 2020-тите. За овој изглед косата се повлекува наназад што е можно поцврсто и се загладува со препарати, со цел фризурата да биде уредна и да ги истакнува цртите на лицето. Сепак, експертите за опаѓање на косата предупредуваат дека ваквите фризури можат да ја разредат косата по должината на челото, пишува „Њујорк пост“.


Тина Муи е фризерка, сертифициран трихолог и сопственичка на бренд за производи за коса. За американскиот медиум изјавила дека ја разбира привлечноста на стилот „clean girl“, кој може да послужи и како „брз лифтинг на лицето“. Таа додала дека тој создава напнатост на местата каде што косата е обично почувствителна.

„Ризикот кај цврсто затегнатите фризури е тракционата алопеција, односно губењето на косата предизвикано од повторувано повлекување на фоликулите, најчесто долж линијата на челото и на слепоочниците“, објаснила Муи.


Според неа, ваквите фризури можат да придонесат кон ќелавост ако се носат често и долго, но обично не се главниот виновник. Во последните години таа забележува пораст на опаѓањето на косата кај жените од сите возрасти, од различни причини.

„Почесто гледам разредување предизвикано од хормонски и нутритивни нерамнотежи. Нашиот живот станува сè позабрзан. Големиот стрес, болеста, губењето килограми поради ГЛП-1 лековите, промената на терапијата или пак хроничниот недостаток на сон можат да го нарушат циклусот на раст на косата и да предизвикаат симптоми како опаѓање“, објаснила таа.

Шајна Рејнфорд е медицинска сестра со лиценца за самостојна пракса и сопственичка на бренд за нега на коса. Таа изјавила дека жените често не забележале дека косата им се разредува сè додека проблемот не станал значително видлив, па погледот во огледалото знае да биде шок.


„Ним може да им се чини дека тоа се случило одненадеж, иако оштетувањето се развивало со текот на времето. До тој момент тоа може да влијае на нивната самодоверба. Косата е нешто многу лично, па може да биде вознемирувачки кога ќе забележите дека рабовите ви се поретки или дека линијата на косата се променила“, рекла Рејнфорд.

Затегнатите фризури што се носат премногу цврсто и пречесто можат да доведат до пукање на влакната, помала густина долж рабовите или постепено повлекување на линијата на косата. Кај нив, нејзиниот прв совет е да се намали затегнувањето.

„Олабавете ја фризурата, менувајте ја со фризури што не ја влечат косата долж линијата на челото и бидете нежни кога ја четкате и обликувате. Ако фризурата боли, пече или го иритира темето, пуштете ја косата“, советува Рејнфорд.


Разредувањето предизвикано од овој стил може да се поправи со правилна нега на косата и темето. Ако тоа продолжи и понатаму, Рејнфорд советува консултација со дерматолог, кој може да ја утврди причината и да процени дали е потребно дополнително лекување.

Љубителите на овој стил сепак не мора да се откажат од него.

„Овие фризури се практични, разновидни и лесно се вклопуваат и во свечени и во лежерни комбинации. Се надевам дека жените повеќе ќе внимаваат како го постигнуваат овој изглед, дека помалку ќе ја затегнуваат косата и ѝ даваат паузи меѓу фризурите. Пораката што сакам жените да ја запаметат е едноставна: мазно не мора да значи и затегнато“, заклучила Рејнфорд.