„Volkswagen“ размислува за употреба на кинески софтвер во европските автомобили

Точка

27/10/2026

06:43

368

Големина на фонт

а а а

Германскиот производител на автомобили „Volkswagen“ ја разгледува можноста софтверот што моментално го користи во возилата наменети за кинескиот пазар да го примени и во поголем дел од својата понуда на автомобили за масовниот пазар во Европа, објави германското списание „Manager Magazin“.

Според извештајот, системот „Кинеска електронска архитектура“, кој „Volkswagen“ го разви во соработка со кинескиот производител на електрични автомобили „Xpeng“, би можел да биде основа за идните модели на марките „Volkswagen“, „Škoda“ и „Cupra“, пренесе „Reuters“.

Предлогот, според изворите на кои се повикува германското списание, би можел да опфати околу три четвртини од моделите од новата генерација на овие три марки, кои настојуваат да ја прошират понудата на електрични возила на европскиот пазар.


Се очекува раководителот на основните брендови на „Volkswagen“, Томас Шефер, во вторник да го претстави предлогот пред управата на компанијата.

Таквиот потег би можел да ја доведе во прашање соработката на „Volkswagen“ со американскиот производител на електрични возила „Rivian“, со кој германската компанија развива софтвер и електронска архитектура за автомобили наменети за западните пазари.


„Volkswagen“ вложи 5,8 милијарди долари, односно приближно пет милијарди евра во таа соработка, која претставува еден од клучните елементи на софтверската стратегија на извршниот директор Оливер Блуме.

Компанијата досега одделно развиваше технолошки решенија за кинескиот и за западните пазари, користејќи ја архитектурата развиена со „Xpeng“ за возилата во Кина, додека за западните пазари соработуваше со „Rivian“.


„Volkswagen“ се соочува со тешкотии во развојот на конкурентен софтвер, меѓу другото и поради сложената структура на групацијата и големиот број модели, од возила за масовниот пазар до луксузни марки како „Audi“ и „Porsche“.

Проблемите се одразија и врз работата на внатрешната софтверска единица „Cariad“.