Милиони гледаат како спијат кутрињата: Финска телевизија во живо го пренесува секојдневието на новородените кутриња

Точка

21/10/2026

17:25

566

Големина на фонт

а а а

Финскиот национален јавен сервис има решение против лошите вести: емитување програма во живо во која главни ѕвезди се преслатки кутриња.

Финскиот јавен сервис „Yle“ привлекува милиони посетители на својата веб-страница благодарение на проектот „Pentulive“ – што на фински значи „Кутриња во живо“. Станува збор за непрекинат, 24-часовен пренос на кучката Хилка, од расата лагото ромањоло и нејзините кутриња, додека спијат, си играат и јадат.

Хилка на 10 октомври донела на свет две женски и четири машки кученца, а веб-камерата била вклучена набргу потоа. Кученцата ќе останат во центарот на вниманието сè додека во декември не заминат во своите нови домови.


Популарноста на „бавната телевизија“ не стивнува

Со оглед на тоа што малите кутриња можат да спијат и до 20 часа дневно, случувањата понекогаш не се особено динамични. Тоа можеби објаснува зошто „Pentulive“, кој сега се емитува шеста сезона е вброен во таканаречената „бавна телевизија“.

Овој концепт првпат бил испробан во Норвешка во 2009 година, кога норвешкиот јавен сервис емитувал седумчасовно патување со воз.

Сепак, на гледачите кои ги следат случувањата во домот на одгледувачот, чиј идентитет не е откриен, им е ветена можност да бидат сведоци на некои од „клучните моменти во развојот на кутрињата“, се наведува во соопштението на „Yle“.


Тоа ги вклучува моментите кога кутрињата првпат ќе ги отворат очите, ќе ги направат своите први чекори и првпат ќе излезат надвор за да си играат.

И покрај тоа што Финска има помалку од 5,66 милиони жители, страницата „Pentulive“ минатата година забележала 6,5 милиони прегледи, според податоците на „Yle“, додека објавите на социјалните мрежи оствариле 20 милиони прегледи. А според досегашните бројки, овогодишните кутриња би можеле да ги надминат и тие резултати.

Како една од најсеверните држави во светот, Финска се подготвува за долга и мрачна зима. Температурите можат да се спуштат и до минус 50 Целзиусови степени, а во одредени делови од земјата, северно од Арктичкиот Круг, Сонцето со недели воопшто не се појавува над хоризонтот.


Затоа не изненадува што жителите со задоволство прифаќаат топла и пријатна забава која им го одвлекува вниманието од суровите временски услови надвор.

Како камерата што ги следи кутрињата станала прибежиште од секојдневието

Камерата што ги следи кутрињата првпат била поставена во 2021 година, на иницијатива на научната новинарка Илја Пирјо Коскинен, како дел од серијал посветен на науката што ги проучува кутрињата.

Како што навела во електронска порака до „Си-ен-ен“, една од идеите била „да се расветлат исклучително важните први недели од животот на кучето“.

„Она што се случува кај одгледувачот, исто како и кај човечките деца, влијае врз остатокот од животот на кучето“, изјавила таа.


Според нејзините зборови, бегството од суровото секојдневие претставува важен дел од привлечноста на проектот „Pentulive“.

„Во неговото средиште се грижата, љубовта и негувањето – сите оние позитивни аспекти на човечноста кои често остануваат во сенка на непрекинатиот бран лоши вести. Преносот на кутрињата во живо нуди утеха и опуштање среде забрзаното секојдневие, изјавила Коскинен.

Гледачите ќе можат непрекинато, 24 часа дневно, да ги следат новородените кутриња сè додека во декември не заминат во своите нови домови.

Зошто Финците се вљубени во „Pentulive“?

Соња Мутанен, докторантка која на Универзитетот на Источна Финска го проучува односот меѓу медиумите и животните, објаснила зошто ваквата содржина е особено привлечна за Финците.

„За многу гледачи, овие преноси во живо претставуваат долгоочекуван светол момент во текот на мрачните зимски месеци во Финска“, изјавила таа за „Си-ен-ен“.

„Ваквата содржина, која го подобрува расположението, може да поттикне чувство на припадност и емоционална благосостојба, што е особено важно во текот на доцната есен и зимата, кога луѓето поминуваат повеќе време дома“, истакнала таа.


Мијамарија Кујала, професорка по компаративна когнитивна невронаука на Универзитетот во Хелсинки, рекла дека преносите во живо влијаат врз нас на сосема поинаков начин од кратките видеоснимки кои денес доминираат на социјалните мрежи.

Тука нема непрекината акција, бидејќи кутрињата можат да поминат и до 20 часа дневно во спиење.

„Преносот во живо нуди нешто што, се чини, недостасува во многу современи, забрзани животи: нешто вистинско, автентично и кревко. „Pentulive“ го следи ритамот на животот. Има многу мирни периоди, но и моменти на непредвидлива активност. Како пренос во живо, веројатно предизвикува поинтензивни емоционални реакции кај гледачите, но истовремено е исклучително смирувачко да се набљудува заспано кученце“, рекла Кујала.


Таа додала дека гледачите со текот на времето почнуваат да ги препознаваат кутрињата како посебни единки.

Ова е второто легло на петгодишната Хилка, која моментално е на отсуство од својата работа како „училишно куче“, каде што им обезбедува емоционална поддршка на учениците.

Засега, меките и крзнени кученца добиле само прекари од својот одгледувач, но во сабота официјално ќе добијат имиња.

Публиката најпрво ќе го стесни изборот на предложените имиња, по што самите кутриња ќе го „изберат“ своето име. Тие ќе седат во круг опкружени со запечатени пликови и ќе го душкаат оној што најмногу ќе им се допадне.