На што точно ги трошат парите оние што ги имаат во неограничени количества? Одговорите ги понудиле луѓе кои од прва рака го познаваат животниот стил на милионерите и милијардерите, а нивните искуства, споделени на интернет, откриваат свет на луксуз кој за повеќето луѓе е незамислив.
Некои од приказните се толку неверојатни што звучат како сценарио за филм, пишува „BuzzFeed“.
Персонал за апсолутно сè
„Некои богаташи вработуваат таканаречени управители на домаќинства – луѓе кои не се класични батлери, туку управуваат со сите аспекти на нивниот приватен живот. Тие ги координираат пилотите, екипажот на јахтата, управителите на имотите, дадилките, кураторите на уметничките колекции и останатиот персонал, а се грижат и за тоа во секоја куќа сè да ги чека подготвено при нивното пристигнување, па дури и намирниците во фрижидерот. Во суштина, станува збор за луѓе кои се грижат за сите секојдневни обврски, за нивните работодавци да бидат целосно ослободени од грижата за организацијата на сопствениот живот“, открил еден корисник.
Друг се надоврзал: „Работев за приватна компанија чиј сопственик заработуваше од два до три милиони долари годишно. Ме праша дали сакам дополнително да заработам извршувајќи ситни задачи за него. Една од задачите беше да ги измерам полиците за книги во неговата нова куќа, да одам во книжарница и да купам доволно книги за да ги наполнам. Единствениот услов беше изборот на книги да остава впечаток дека сопственикот е начитан и интелигентен.

Ми даде картичка, а јас шест часа товарав во камион книги во вредност од 11.000 долари. Целиот викенд ги редев на полиците. Неколку недели подоцна повторно ме повика за малку да ги изгужвам книгите и да направам да изгледаат користени, бидејќи беше очигледно дека никогаш не биле прочитани. За целата работа ми плати околу 5.000 долари и ми ги покри трошоците за оброци, а сето тоа само за другите да мислат дека тој многу чита“.
Трет корисник напишал: „Познавам личност која работи како организатор на патувања за еден милијардер. Нејзината работа не се обични резервации. Таа однапред патува до одредени локации за да ги избере точно определениот хотел и рестораните и да го испланира апсолутно секој детаљ од патувањето“.
„Мојот брат е пилот на еден многу богат човек. Понекогаш испраќаат авион за да заврши ситни работи, како да е служба за достава. Сопственикот очигледно нема доверба во поштарите, па испраќа авионски екипаж да ги преземе работите. На пример, ќе рече: ‘На сопругата ѝ се допаѓа овој фустан, можете ли да одлетате до Њујорк и да ѝ го донесете?’“, открил еден читател.
Имало и коментар: „Богаташите вработуваат цели тимови луѓе кои управуваат со нивното богатство, таканаречени ‘семејни канцеларии’. Тоа е канцеларија со сопствени инвестициски банкари, адвокати и финансиски планери. Кога бев млад адвокат, ми понудија да работам за нив.
Не бев премногу заинтересиран, па побарав висока плата, мислам дека беше околу 280.000 долари годишно, без бонуси. Прифатија без преговори. Можете да замислите колку тогаш им плаќаат на поискусните вработени и колку богат треба да бидете за да си дозволите таква канцеларија“.

Недвижности без никакви ограничувања
„Пред неколку години работев на проект за целосно реновирање на луксузен хотелски апартман што го резервирал еден руски олигарх. Му се допаѓала локацијата, но не и собата. Потрошил околу 300.000 евра за апартманот целосно да се преуреди за неговиот петдневен престој“, додал еден читател.
Друг се надоврзал: „Човек што живее во моја близина гради куќа од 6.500 квадратни метри. Платил два милиони долари за куќата пред неговата, само за да ја урне и на тоа место да направи преден двор. За соседната куќа платил уште еден милион долари за таму да можат да ја чуваат градежната опрема за изградбата на неговата вила“.
Имало и коментари како: „Работев нешто во куќата на еден човек кој изградил подземна гаража под својата библиотека за да има повеќе простор за гостите. Гаражата собира 80 автомобили. Осумдесет“, како и: „Некои екстремно богати луѓе вградуваат домашни системи за кислород за полесно да се дише на големи надморски височини“.
Луксуз што е тешко да се замисли
„Еден богаташ потрошил 30 милиони долари за уредување на брегот на реката, за неговите гости да не ги извалкаат нозете со кал кога одат да пливаат. Покрај тоа, мојот брат работеше за компанија што се занимава со огномети. Еден милијардер го ангажирал за приватен огномет што чинел 28.000 долари“, напишал еден коментатор.
Еден корисник се присетил на своето искуство и напишал: „Минатата година бев на фестивалот „Burning Man“. Еден милијардер силно посакувал пица од својот омилен ресторан во Италија. Организирал достава на околу 5.000 пици со авион, ја довел целата екипа од ресторанот и печката за пица. Потоа самиот застанал покрај печката и печел пици за сите присутни“.

„Обезбедував домашна нега за една госпоѓа по операција на колкот. Нејзината куќа беше прекрасна трикатна викторијанска градба. Првиот ден, откако ѝ помогнав да се истушира, прашав каде ја чува корпата за валканите алишта. Ми рече: ‘Ох, само фрлете го тоа’. Жената ги фрлаше крпите во ѓубре по едно користење. Не беа евтини – проверив, една чинеше 58 долари.
Тоа се случи пред десет години. Беше многу љубезна, но немаше никаква претстава како живеат луѓето со просечни примања. Потекнуваше од старо и исклучително богато семејство, никогаш не се омажила и немаше деца. Донираше многу пари на непрофитната организација во која подоцна се вработив, а кога почина, ѝ го остави целото свое богатство“, се присетила една коментаторка.
Друга се надоврзала: „Работев за една богата госпоѓа со прекрасен двор. Имаше дрво од банана во голема саксија, а бидејќи живееме во околината на Чикаго, дрвото не би ја преживеало зимата. Секоја зима плаќаше некому да го однесе во стаклена градина и да го врати кога ќе затоплеше. Не знам колку чинеше тоа, но сигурно не беше евтино“.
„Работев во хотелот „Beverly Hills“. Кога престојуваа таму членови на саудиското кралско семејство, целиот хотел се приспособуваше на нивната временска зона. Преку ден ги покриваа прозорците со алуминиумска фолија за светлината да не им пречи додека спијат.
Цели катови беа затворени само за нив, а баровите, рестораните и луксузните продавници во Беверли Хилс се отвораа среде ноќ за тие да можат да одат на приватен шопинг“, открила третата коментаторка.
Се појавил и овој коментар: „Родителите на мојот вереник нè одведоа нас шестмина од Детроит во Кливленд во четврток навечер само на вечера, а истата вечер нè вратија назад. Патувавме со приватен авион. Неверојатно е колку богатите луѓе користат авиони за сосема обични работи“.

„Неодамна работев на една свадба на која потрошија 400.000 долари само за цвеќе. Во тој простор престојуваа само четири часа“, додала една читателка.
„Пред неколку години бевме во Дизниленд за мојот роденден. Сакавме да се почестиме и да купиме скапо шише вино, а за нас скапо е шише од 100 долари. На винската карта имаше и шише од 7.000 долари. Ја прашавме келнерката дали некој навистина го купува тоа. Таа одговори: ‘Да, минатата недела една маса со четворица гости нарача три шишиња’. Додаде дека станувало збор за деловни луѓе, па веројатно трошокот го оправдале преку компанијата, но сепак е неверојатно“, се присетил еден корисник.
Парите како решение за сè
„Технички, тој не беше ‘ултрабогат’, но пред неколку години јас и мојот тим бевме на вечера со еден од директорите на нашата компанија, која се наоѓа на листата „Fortune 100“. Знаевме дека компанијата му плаќа за приватна вила во рамките на хотелот „Four Seasons“, а цената веројатно беше повисока од вкупните годишни плати на целиот мој тим. Еден колега го праша дали некогаш планира да купи куќа во нашиот град. Тој само се насмеа и рече: ‘Не, веќе имам премногу куќи’“, открил коментатор.
Друг го споделил своето искуство: „Еден од моите родители има ‘приватна’ банкарска сметка. Еден богат роднина им дал нешто повеќе од еден милион долари кога биле во раните дваесетти години. Оттогаш никогаш не морале да работат, а таа сума пораснала на неколку милиони.

Не знам точно колку, но знам дека на мојот брат му платија куќа во готово, во вредност од повеќе од 650.000 долари, а неодамна купија и куќа за одмор за речиси еден милион долари, исто така во готово. Јас немам никаква корист од тоа. Тој брат им е миленик, иако родителите тврдат дека се однесуваат подеднакво кон сите нас“.
„Постои посебен вид осигурување што покрива киднапирање и откуп. Обично го купуваат богаташи кои стравуваат за себе или за членовите на своето семејство. Исто така, компаниите со канцеларии во помалку безбедни делови од светот понекогаш го плаќаат за своите вработени“, напишал еден корисник.
„Работев како дадилка кај успешен адвокат и неговата сопруга, која беше наследничка на познат бренд за прехранбени производи. Имаа две ќерки, на возраст од осум и десет години. Секоја добиваше месечен џепарлак од 8.000 долари, и тоа пред 15 години. Морам да кажам дека беа исклучително љубезни и великодушни, а децата беа пристојни и добро воспитани. Кога заминував, ми подарија платено патување во „Disney“ ресорт во траење од една недела и значителна парична сума“, се присетила една читателка.










