[ВИДЕО] Вирална снимка од Франција: Маж ја натерал сопругата да ја врати облеката по грабежот

Точка

20/10/2026

13:45

888

Големина на фонт

а а а

На социјалните мрежи се шири снимка од Франција на која се гледа како маж, среде грабежите што ги придружуваа протестите за време на викендот, принудува жена да ја врати облеката што ја изнела од продавница, а се тврди дека станува збор за неговата сопруга.

Снимката беше објавена на Икс во неделата, а во меѓувреме се прошири и на други социјални мрежи. На неа се гледа жена со детска количка, која излегува од ограбена продавница на модниот синџир „Пимки“ (Pimkie) со големо количество облека, додека во близина има деца. Мажот ѝ ја одзема облеката од рацете и ја враќа назад во продавницата. Не е познато во кој град се случил инцидентот.

Многу корисници на социјалните мрежи го пофалија мажот, нарекувајќи го чесен и мудар човек.


Инаку околу половина милион луѓе во саботата протестираа низ Франција против високите трошоци за живот. Протестите потоа прераснаа во едни од најжестоките немири што земјата ги видела во последните години, проследени со грабежи и палење општински згради и продавници, пишува „Јуроњуз“.

Според проценките на претседателот на Стопанската комора, Ален Ди Кресенцо, погодени биле повеќе од 2.000 продавници, а штетата се проценува на стотици милиони евра. Уапсени биле повеќе од 2.500 лица, додека речиси 1.000 припадници на безбедносните сили биле повредени.


Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, призна дека полицијата ја изгубила контролата и дека имало пропусти во планирањето на распоредувањето на полициските сили. Тој понудил оставка, но претседателот Емануел Макрон ја одбил.