Снимката на младото момче што ја носело девојката во раце низ поплавените улици на чилеанската престолнина Сантјаго, за да не ѝ се натопат високите потпетици, стана вирална на социјалните мрежи.
Парот сега откри како настанал овој романтичен момент, но и дека истата бура, при враќањето дома, ги дочекала со многу посериозен проблем – поплавена зграда.
Станува збор за Бенјамин Видал, рударски техничар од Ваљенар, и Игнасија Мељадо, манекенка и геолог од Консепсион, пишува чилеанскиот портал „Página 7“. Снимката е направена во вторникот, кога Сантјаго го погоди невообичаено силно невреме, проследено со град, грмежи и силен ветер. Чилеанската метеоролошка служба регистрирала и торнадо од најниската категорија.
Бенјамин раскажал дека отишол да ја земе девојката од фотографско студио во населбата Њуњоа. Меѓутоа, набргу почнал да паѓа силен дожд, а улиците за само неколку минути се нашле под вода.
„Бев во студиото во Њуњоа и дождот ме изненади. Излегов порано, а фотографирањето требаше да трае до 14 часот, па не очекував дека ќе ме затекне невреме“, раскажа Игнасија.
За да ја заштити од водата, Бенјамин ја кренал во рацете и ја пренел низ поплавената улица. Нивната глетка го привлече вниманието на минувачите, кои почнале да го снимаат парот и да им аплаудираат.

„Луѓето почнаа да аплаудираат, а оние што минуваа со автомобилите нè снимаа. Помислив: „Можеби ќе се појави некоја снимка на ТикТок“, се присети Бенјамин.
Токму тоа и се случило. Првата снимка на ТикТок ја објавил еден корисник додавајќи ја песната „Sabor a mí“ од Луис Мигел. Набргу се појавиле и снимки од други агли, меѓу кои и онаа што ја снимила самата Игнасија.








