Оваа година „Диор“ одлучи да изненади. Наместо реклама направена со помош на вештачка интелигенција, по која посегнуваат сè поголем број брендови, славната модна куќа решила празничната приказна да ја раскаже преку анимиран филм.
Кога се работи за креативноста на рекламната содржина луксузните модни куќи сè почесто се одлучуваат за човечки потпис. Уште еден доказ за тоа е новата божиќна реклама што ја објави модната куќа „Диор“. Краткиот анимиран филм е наречен „Christian Dior’s Night in Color“, а негов режисер е францускиот режисер и аниматор Силван Шоме.
Во проектот учествуваат и големи актерски и музички имиња. Роберт Патинсон го позајмува гласот на нараторот, пејачката Ријана се појавува во улогата на волшебна божиќна ѕвезда, додека гласовите на ликовите ги позајмуваат и актерите Џош О’Конор, Грета Ли и Лекит Стенфилд, како и францускиот актер и режисер Луј Гарел, кој го отелотворува ликот на Кристијан Диор.
Дејството ги води гледачите во 1949 година, во светот на париската висока мода и златното доба на Холивудот. Кристијан Диор се соочува со невообичаена задача: мора да осмисли нов фустан за славната актерка Марлен Дитрих, и тоа во последен момент, откако дознава дека нејзиниот нов филм, наместо во црно-бела техника, ќе се снима во боја.
Диор веднаш се фаќа за работа, а во неговата волшебна работилница му помагаат пчелички облечени во бели мантили. Тие не биле случајно избрани – станува збор за нежна почит кон кројачките и шивачките кои работеле во неговите ателјеа. Фустанот што го создава е инспириран од славниот модел „Junon“ од 1949 година, едно од најпрепознатливите креации во историјата на модната куќа „Диор“.

Како што пишува „TheWrap“, филмот се потпира на вистинското познанство и пријателство на Диор и Дитрих, но историската анегдота ја претвора во бајковита божиќна приказна. Токму комбинацијата од мода, филм и анимација е она што ѝ дава посебен карактер на кампањата.
Луксузните брендови повторно ја истакнуваат човечката креативност
Кампањата на „Диор“ е интересна и поради моментот во кој беше претставена. Имено луксузните модни куќи сè повнимателно ги одбираат начините на рекламирање.
„Прада“ за својата божиќна кампања го ангажираше искусниот аниматор Џон Померој и се одлучи за рачно цртани кадри, додека „Гучи“ претходно предизвика негативни реакции кај дел од публиката поради фотографии создадени со помош на вештачка интелигенција.
Меѓутоа „Диор“ сега се приклучува на трендот на враќање кон традиционалната анимација. Наместо да се потпре на брзи решенија, модната куќа му ја довери задачата за создавање празнична атмосфера на внимателно избран режисер. На тој начин, кампањата не ја промовира само модата и празничните колекции, туку и самиот процес на создавање.

Интересно е што токму во индустријата која отсекогаш ги негувала рачната изработка, прецизноста и занаетчиската умешност, повторно се нагласува вредноста на човечкиот допир. Се чини дека луксузот повеќе не сака да се претставува само преку цената на производот или познатото име, туку и преку времето, знаењето и креативноста вложени во неговото создавање.
Па така божиќната реклама на „Диор“ е многу повеќе од уште една празнична кампања. Таа е мал анимиран филм што ја спојува историјата на модната куќа, филмската носталгија и фантастичната приказна, а истовремено нè потсетува дека во време кога речиси сè може да се создаде со еден клик – рачната изработка и понатаму има непроценлива вредност.










