Жителите на норвешкиот град Рјукан речиси шест месеци годишно не гледаат директна сончева светлина поради високите планини што ги опкружуваат, но пронашле необично решение кое го привлече вниманието на светот.
Во малиот норвешки град Рјукан, сместен длабоко меѓу високите планини, жителите секоја есен се соочуваат со необична појава. Сонцевите зраци престануваат да допираат до градскиот плоштад кон крајот на септември, а повторно се појавуваат дури во средината на март. Иако во текот на денот не владее целосен мрак, градот со месеци останува во сенка, поради што неговите жители одлучиле да најдат начин да ја вратат сончевата светлина во секојдневниот живот.

Рјукан се наоѓа на околу три часа возење северозападно од Осло, во тесната долина Вестфјорд, опкружен со стрмни планини. Над градот се издига и планинскиот врв Гаустатопен, висок околу 1.800 метри, кој заедно со околните планини спречува директните сончеви зраци да допрат до населбата во текот на постудениот дел од годината.
Градот на почетокот на 20 век го основал норвешкиот инженер и индустријалец Сем Ејде, кој ја искористил силата на блискиот водопад за производство на хидроелектрична енергија и развој на индустријата. Сепак, ниту неговиот технолошки напредок не можел да го промени фактот дека жителите голем дел од годината го минуваат без директна сончева светлина, пишува „The Guardian“.
Огромни огледала го вратиле сонцето во градот
Решението пристигнало благодарение на Мартин Андерсен, уметник кој се доселил во Рјукан во 2001 година.
Шетајќи со своето дете, забележал дека секој ден мора да оди сè подалеку низ долината за да најде сончева светлина. Кон крајот на септември сонцето целосно исчезнувало од градскиот плоштад, додека сончевите планински падини останувале видливи над градот.
„Го гледавме синото небо над нас и сонцето високо на планинските падини, но единствениот начин да стигнеме до него беше да го напуштиме градот“, раскажал Андерсен за „The Guardian“.

Така се родила идејата за поставување огромни огледала на планината над градот, кои би ги одбивале сончевите зраци и би ги насочувале кон централниот плоштад.
По 12 години планирање и подготовки, проектот конечно бил реализиран во 2013 година.
На планината, на околу 450 метри над градот, биле поставени три големи огледала со вкупна површина од 51 квадратен метар. Со нив управуваат компјутери, додека енергијата за нивната работа ја обезбедуваат соларни панели.
Огледалата го следат движењето на сонцето и ги одбиваат неговите зраци кон градскиот плоштад, создавајќи осветлена површина од приближно 600 квадратни метри.
Според податоците од проектот, рефлектираната светлина достигнува меѓу 80 и 90 проценти од интензитетот на директната сончева светлина.
Жителите не можеле да им поверуваат на сопствените очи
Кога огледалата првпат почнале да го осветлуваат градскиот плоштад, жителите воодушевено излегувале надвор за да ја почувствуваат сончевата топлина.
Децата си играле на осветлениот простор, постарите граѓани седеле на клупите, додека многубројните минувачи ја фотографирале необичната глетка.

„Тоа е сонце!“, извикала жителката Ингрид Спарбо, која го поминала целиот живот во Рјукан.
„Човек некако се навикнува на сенката. На крајот престанува и да размислува за тоа. Но, ова е толку топло. Не само физички, туку и психички“, раскажала таа за „The Guardian“.
Сепак, не биле сите воодушевени од оваа идеја уште од самиот почеток.
Проектот предизвикал полемики поради огромните трошоци
Поставувањето на огледалата чинело приближно пет милиони норвешки круни, поради што некои жители сметале дека парите треба да се вложат во поважните потреби на градот, како што се училиштата, патиштата и грижата за постарите граѓани.
Биле организирани дури и петиции против проектот, но многумина од противниците го промениле мислењето кога ги виделе резултатите.

„Бев одлучно против тоа. Сè уште имам сомнежи во врска со трошоците за одржување. Но, пријатно е да се стои тука. Доволно е само да се погледнат лицата на луѓето“, рекол пензионерот Нилс Егеруд.
Градоначалникот Штајнар Бергсланд сметал дека огледалата претставуваат многу повеќе од необична туристичка атракција. Според него, проектот привлекол посетители и го зголемил интересот за градот.
Идеја стара повеќе од еден век
Интересно е што идејата за огледалата не настанала во 21 век.
Уште во 1913 година, основачот на градот, Сем Ејде, разгледувал предлог од еден работник за поставување огледала на планината, кои би ја насочувале сончевата светлина во долината.
Меѓутоа, тогашната технологија не овозможувала реализација на таков проект.

Наместо тоа, компанијата „Norsk Hydro“ ја финансирала изградбата на жичницата „Krossobanen“, отворена во 1928 година, за жителите да можат да се искачат на планината и да уживаат во сончевата светлина.
Неколку децении подоцна, она што некогаш изгледало како неостварлива замисла станало реалност.
Денес Рјукан е познат по својот необичен систем од огледала, кој во текот на зимските месеци осветлува дел од градскиот плоштад и им овозможува на жителите да уживаат во сончевите зраци без да ја напуштат долината.














