Научници во Кина откриле досега непознат вирус што го пренесуваат крлежи, а кој предизвикува симптоми слични на грип, со што дадоа одговор за илјадници случаи на треска, замор и гастроинтестинални тегоби кои со години останувале без точна дијагноза.
Новиот патоген е наречен наировирус на азискиот долгокрак крлеж АЛТНВ (ALTNV – Asian longhorned tick nairovirus) и припаѓа на родот ортонаировирус од семејството „Nairoviridae“. Ова откритие е објавено во престижното медицинско списание „New England Journal of Medicine“, како резултат на истражување предводено од Државната клучна лабораторија за патогени и биобезбедност во Пекинг.
Почетната точка на анализата бил упорен клинички проблем: околу 30 отсто од пациентите со симптоми кои упатуваат на инфекција со вирусот Дабие биле негативни на тестовите за оваа хеморагична треска што ја пренесуваат крлежи. Вирусот Дабие (ДБВ) предизвикува синдром на тешка треска со тромбоцитопенија (СФТС), болест со стапка на смртност од 10 до 30 отсто низ Азија. Тромбоцитопенијата означува опасно намалување на бројот на тромбоцити во крвта, што го попречува згрутчувањето и може да предизвика крвавење. Светската здравствена организација (СЗО) го вброила ДБВ меѓу приоритетните патогени за истражување.

За да ја откријат причината за необјаснетите случаи, истражувачите собрале биолошки примероци од пациенти кои биле каснати од крлежи и биле хоспитализирани во кинески провинции каде што ваквите вируси се ендемски. Со користење на РНК-секвенционирање и методи за изолација на вируси, истражувачкиот тим открил непознат патоген.
Генетските анализи покажале дека протеините на АЛТНВ имаат помалку од 80 отсто сличност во аминокиселинскиот состав во споредба со другите познати видови од истиот род, што потврдува дека станува збор за целосно нов вид. Во лабораториски услови, вирусот успешно се размножувал, бил идентификуван со помош на имунофлуоресценција, додека електронскиот микроскоп ги забележал типичните морфолошки карактеристики на ортонаировирусите.
Наоди кај 3.163 пациенти и текот на самостојната инфекција
Во студијата биле вклучени вкупно 3.163 пациенти. Од нив, 10,4 отсто биле позитивни на АЛТНВ било преку откривање на вирусна РНК или преку IgM антитела, кои укажуваат на неодамнешна инфекција. Овој процент бил уште повисок кај пациентите кои биле негативни на вирусот ДБВ, достигнувајќи дури 15,1 отсто.
Во групата пациенти кои биле заразени исклучиво со АЛТНВ, најчест симптом бил силен замор, забележан кај 84 отсто од случаите. Гастроинтестинални проблеми имале 80 отсто од заболените. Тромбоцитопенија била утврдена кај 38 отсто, додека 36 отсто од пациентите имале зголемени вредности на аминотрансферазите, што укажува на воспаление или оштетување на црниот дроб и други органи. Сепак, и покрај сериозноста на симптомите, сите пациенти кои биле заразени исклучиво со новиот АЛТНВ целосно закреплнале.

Клиничката слика, меѓутоа, драматично се влошувала во случаите на истовремена инфекција со двата вируси. Истражувачите идентификувале 38 пациенти кои истовремено биле заразени и со АЛТНВ и со ДБВ.
Во споредба со лицата кои биле заболени само од ДБВ, пациентите со двојна инфекција имале респираторни проблеми во 61 отсто од случаите, наспроти 38 отсто. Откажување на бубрезите било забележано кај 84 отсто од пациентите со коинфекција, во споредба со 66 отсто од оние кои биле заразени само со ДБВ. Компликациите на крајот биле фатални за седум од 38 пациенти во оваа група, што претставува стапка на смртност од 18,4 отсто.
Откриен во 15 провинции
Научниците го прошириле истражувањето и на природната средина, испитувајќи 47.428 крлежи собрани од 15 провинции во Кина. Вирусна РНК на АЛТНВ била пронајдена кај 1,3 отсто од вкупниот број примероци. Најголема распространетост била забележана кај видот „Haemaphysalis longicornis“ (азиски долгокрак крлеж), каде стапката на позитивност достигнала 1,8 отсто.

Лабораториските експерименти покажале дека овој вид крлеж е способен да го шири вирусот, бидејќи успешно го пренел АЛТНВ на лабораториски глувци.
Според авторите на студијата, истовременото циркулирање на АЛТНВ и ДБВ во исти географски подрачја, во комбинација со фактот дека го делат истиот вид крлеж како преносител, укажува на итна потреба од подобра диференцијална дијагностика во болниците во регионите каде што синдромот СФТС е ендемски.
















