Зошто алергиите стануваат сè посилни: Истражување покажа дека нервните клетки ги „паметат“ алергените и можат да ги влошат симптомите

Точка

20/10/2026

20:40

206

Големина на фонт

а а а

Милиони луѓе ширум светот страдаат од сезонски алергии кои предизвикуваат кивање и солзење на очите. Сега истражувачите дополнително го расветлија нивното потекло, докажувајќи дека повторената изложеност на алергени, како што се поленот и мувлата, може да доведе до влошување на алергиските реакции.

Научниците од здравствениот систем „Мас Џенерал Бригам“ (Mass General Brigham) наведуваат дека нервните клетки кои нѝ овозможуваат да чувствуваме различни сензации, како ненадејна болка или чешање, ги паметат алергените со кои човекот доаѓа во контакт.

Токму оваа меморија им овозможува на клетките посилно да реагираат при следните изложувања, дури и кога самиот алерген повеќе не е присутен, пишува „Индипендент“.


„Сега кога знаеме што би можело да го предизвика развојот на алергии и зголемувањето на бројот на случаи на пречувствителност кај луѓето, можеме да осмислуваме начини како тоа да го спречиме“, објасни во соопштението водечката авторка на истражувањето, докторката Керолајн Сокол, лекарка и научничка од Одделот за медицина при „Мас Џенерал Бригам“.

Одамна е познато дека нервните клетки имаат способност за „паметење“, но истражувачите сакале да откријат дали тоа важи и за реакциите на алергени.

Оваа претпоставка ја тестирале на глувци. Утврдиле дека изложеноста на алергени, вклучително и грини од домашна прашина и соединение добиено од папаја, активира посебен процес во клетките, поради кој тие реагираат и на алергени со слично дејство, иако имаат различна молекуларна структура.

Ова ги навело истражувачите на заклучок дека клетките паметат заедничка карактеристика на овие алергени, што би можело да објасни зошто развојот на чувствителност на еден алерген ја зголемува подложноста и на други.

Овие откритија би можеле да помогнат во поефикасната борба против алергиите, кои дополнително се влошуваат поради климатските промени предизвикани од човечкото дејствување.


Алергиите настануваат кога имунолошкиот систем реагира на супстанција што ја препознава како закана, што доведува до алергиска реакција. Кај многу луѓе станува збор за полен од дрвја и плевел, иако доминантните алергени се разликуваат од сезона до сезона.

За жал, потоплото време носи порано цветање на растенијата, поголеми количества полен и подоцнежни мразови, кои вообичаено во текот на есента им носат олеснување на луѓето што страдаат од алергии.

Оваа есен дополнително влијание има и силниот климатски феномен Ел Нињо, кој ги засилил наведените ефекти, а метеоролозите предупредуваат дека ваквите временски услови придонесуваат за зголемување на концентрацијата на полен во воздухот.

Добрата вест е што ова истражување во иднина би можело да помогне во намалувањето на ризикот од развој на алергии, дури иако температурите продолжат да растат.


Сокол наведе дека досегашните резултати покажуваат дека алергиската „меморија“ во нервните клетки со текот на времето слабее.

„Во моментов истражуваме дали можеме намерно да ја ресетираме оваа меморија, што на крајот би можело да понуди начин за намалување на ризикот од развој на алергии“, изјави таа.