Американскиот гигант лансираше нов бесплатен софтвер „TorchNeuron“ за да ја разниша доминацијата на „Nvidia“ и да ја намали зависноста од најмоќните чипови во светот.
Американскиот технолошки гигант „Amazon“ претстави нова софтверска алатка што овозможува извршување код за вештачка интелигенција (AI) на неговите наменски чипови, без потреба од негово преработување.
На тој начин „Amazon“ настојува да ја намали предноста што „Nvidia“ ја има на пазарот на компјутерска инфраструктура за AI, пренесува „Reuters“.
Новата алатка, наречена „TorchNeuron“, им овозможува на програмерите да извршуваат код напишан во програмската рамка „PyTorch“ на чиповите „Trainium“ на „Amazon“, со само една промена во конфигурацијата и без потреба од повторно пишување на кодот.

„Amazon“ планира да го понуди софтверот бесплатно и како решение со отворен код, со што би им го олеснил на програмерите и компаниите преминувањето на неговите чипови, кои претставуваат алтернатива на хардверот на „Nvidia“.
„PyTorch“, кој го одржува компанијата „Meta“, е една од најзастапените софтверски рамки за развој на модели на вештачка интелигенција.
„Nvidia“ повеќе од една деценија ја развиваше својата софтверска платформа „CUDA“, која овозможува ефикасно извршување код од „PyTorch“ на нејзините чипови, со што изгради значителна предност во однос на конкурентите.

Приспособувањето на постојните AI апликации за други видови чипови досега можело да бара повеќемесечна инженерска работа, што им го отежнувало на компаниите преминувањето на алтернативни решенија.
Кол Брајс, потпретседател за софтвер во одделот „Annapurna Labs“ на „Amazon“, изјави за „Reuters“ дека целта на новата алатка е да го намали бројот на чекори што им се потребни на програмерите за да ги испробаат чиповите на „Amazon“.
Повеќе од 30 компании и развојни тимови веќе го користат софтверот, а меѓу областите на примена се роботиката и системите за обработка на говор.

„Amazon“ не е единствената технолошка компанија што се обидува да ја намали зависноста на пазарот од хардверот на „Nvidia“.
И „Google“ развива сопствени чипови и софтверски решенија што треба да го олеснат извршувањето апликации од „PyTorch“ на алтернативна инфраструктура, наведува „Reuters“.











