Фасцинантно откритие во Кенија: Африканските слонови сами се лекуваат со шумски растенија

Точка

25/09/2026

14:18

346

Големина на фонт

а а а

Со новата студија е утврдено дека африканските слонови во Кенија активно користат најмалку 35 различни видови растенија за ублажување на здравствените тегоби, при што локалното население за 25 од овие растенија и претходно знаело дека имаат лековити својства.

Клучните откритија од истражувањето се објавени во научното списание „Scientific Reports“. Истражувањето било спроведено во соработка со локалното население и чуварите на природата во регионот на планината Елгон во Кенија. Слоновите долго време ги фасцинираат научниците со своето специфично однесување, кое вклучува и влегување во пештери и стругање на карпите со забите за да дојдат до неопходните минерали.

Сепак, најновите сознанија укажуваат дека овие цицачи поседуваат и сложено знаење за „шумската аптека“, кое го применуваат и кај своите потомци, пишува Би-би-си.


Мајка подготвува лек за своето младенче

Според сведоштвата на локалните ренџери и старешини, слоновите внимателно избираат одредени растенија кога не се чувствуваат добро, додека мајките подготвуваат билни препарати за своите младенчиња.

Едно од најинтригантните сведоштва е на локален чувар на природата, кој набљудувал мајка како подготвува растение наречено „Angurweet“ – локален лек за стомачни тегоби. Според неговите зборови, мајката ги џвакала листовите и корените додека не добила мазна смеса, ја мешала со своето млеко и му ја давала на младенчето, кое по џвакањето ги плукало цврстите остатоци.


Иако д-р Мајкл Хафман, приматолог од Универзитетот во Нагасаки, напоменал дека се потребни дополнителни теренски докази за со сигурност да се потврди дека слоновите намерно спроведуваат вакви третмани, научниците веќе ги опремиле локалните експерти со камери за да го документираат ова однесување на терен.

Шумите како природни фабрики за лекови

Истражувачите истовремено го анализираат хемискиот состав на растенијата што ги консумираат слоновите, со цел да откријат потенцијално нови лекови.

„Локалното знаење нѝ даде мапа. Сега сакаме да ги следиме слоновите и да испитаме дали избираат одредени растенија во конкретни здравствени состојби и дали тие растенија имаат соодветно биолошко дејство“, изјавил д-р Фабиен Шулц од Институтот за тропска медицина „Bernhard Nocht“ во Хамбург.


Ова истражување отвора и важно прашање поврзано со заштитата на животната средина. Една од водечките авторки на студијата, д-р Елоди Фрејман од Универзитетот Браун во САД, предупредила дека со уништувањето на шумските живеалишта и животните и луѓето директно се лишуваат од природните лекови неопходни за опстанок.

„Ова покажува колку нашите лекови се испреплетени со животинскиот свет. Многу лекови што ги купуваме во аптеките потекнуваат од дрвја, алги, габи или корални гребени. Заштитата на овие шуми и зачувувањето на природните аптеки носат повеќекратна корист, додека не откриеме нови природни производи кои би можеле да нè спасат во иднина“, истакнала Фрејман.


Самолекување во животинското царство

Самолекувањето кај животните не е новина во науката. Најстарите записи за слонови кои самите се лекувале датираат уште од третиот век, кога римскиот автор Клаудиј Елијан опишал повреден слон кој закрепнал откако јадел цветови и масло од маслиново дрво.


Денес е познато дека самите се лекуваат од болести и комарци, пчели, овошни мушички и човеколики мајмуни во Африка и Азија. Со секое ново откритие за животинските видови, науката добива сè подобар увид и во историјата на човечката медицина, пишува Би-би-си.

Фото: Би-би-си