Во Кина сè повеќе луѓе се вработуваат како таканаречени „тренери на роботи“, извршувајќи секојдневни домашни работи за да ги обучат машините за задачи како миење садови, диплење облека и чистење, а за таа работа можат да заработат од 600 до 900 долари месечно, пренесува „South China Morning Post“ („SCMP“).
Работниците носат опрема за следење на движењата, а нивните постапки се снимаат и се претвораат во збирки податоци што се користат за обука на роботи засновани на вештачка интелигенција. Целта е машините да научат да извршуваат работи во домаќинствата, фабриките и продавниците.
Вакви работни места сè почесто се огласуваат на кинеските социјални мрежи и платформи за вработување, а привлекуваат невработени, млади што бараат привремена работа и луѓе на кои им е потребна флексибилна работа.
Месечната заработка се движи од 4.000 до 6.000 јуани, односно околу 600 до 900 долари, додека одредени работници работат за дневница од околу 18 долари во дневната смена и нешто повеќе во ноќната.
Лиу Јун (40) почнала да се занимава со оваа работа откако останала без вработување во автомобилската индустрија и тешко наоѓала нова работа поради својата возраст. Во студио во Пекинг повторувала движења како поместување чаши и рибање површини, додека сензорите го бележеле секое нејзино движење.

Дневната норма изнесувала 160 примероци на движења, додека најпродуктивните работници успевале да завршат повеќе од 260. Лиу навела дека повторувањето домашни работи, како миење садови и бришење маси и до 200 пати дневно, ѝ претставувало голем физички напор.
Слична работа извршувал и студентот Сун (22) од северната кинеска провинција Шанси, кој за време на летниот распуст работел на снимање стандардизирани движења, вклучувајќи диплење облека и чистење подови. Тој оценил дека заработката не е доволна за да го надомести физичкото и психичкото оптоварување.
За некои работници, сепак, оваа работа претставува начин да ги усогласат работните и семејните обврски.
Гуо Хонгјуан од источната кинеска провинција Џангсу работи од дома околу шест часа дневно и заработува приближно 4.000 јуани месечно, собирајќи податоци преку едноставни домашни активности, како редење книги, бришење маси и поместување предмети.

Многумина, меѓутоа, наведуваат дека ваквата работа им е премногу монотона, па ја напуштаат по релативно кратко време.
Собирањето податоци за човечките движења се проширува и во други области. Кинеската технолошка компанија „Physen AI“ во август се здружила со комунално претпријатие за да ги опреми уличните чистачи со уреди за собирање податоци.
Нивните движења при чистењето на улиците, како и реакциите на непредвидени ситуации, како минување електрични велосипеди, се користат за обука на роботи за работа во реални средини.
Појавата на вакви работни места предизвикала поделени реакции на кинеските социјални мрежи. Додека некои корисници ги опишуваат како нов вид флексибилно вработување, други укажуваат на иронијата што луѓето обучуваат машини кои во иднина би можеле да ги преземат токму работите што тие ги извршуваат денес.
















