[ФОТО] Сè започнало со фотографија на Инстаграм: Во Колумбија откриено исклучително ретко растение

Точка

10/10/2026

19:01

658

Големина на фонт

а а а

Фотографија објавена на социјалната мрежа Инстаграм довела до откривање на нов вид џиновски воден крин во џунглата во Колумбија.

Сепак, се проценува дека ова растение, чии листови можат да се забележат дури и од вселената, веќе е критично загрозено.

Новиот вид, наречен „Викторија колумбијана“ (Victoria colombiana), е потврден во научен труд објавен во петокот во списанието „Фитотакса“, со што бројот на познати видови џиновски водни кринови се зголемил на четири, пренесе „Гардијан“.


До откритието дошло пред три години, кога Карлос Магдалена, експерт за водни кринови од Кралската ботаничка градина Кју во Лондон, на Инстаграм забележал фотографија од лице кое плива меѓу џиновски водни кринови во реката Инирида, во колумбискиот регион Гваинија.

Фотографијата ја направил Џеремаја Харис, кој раководи со расадник за месојадни растенија во Соединетите Американски Држави. Тој првично погрешно ги идентификувал растенијата како пораспространетиот вид „Викторија амазоника“ (Victoria amazonica).


Меѓутоа, Магдалена се посомневал дека станува збор за досега непознат вид, бидејќи природното живеалиште на „Викторија амазоника“ не ја опфаќа реката Инирида. Откако од Харис добил податоци за локацијата, неколку години анализирал сателитски снимки и собирал финансиски средства и дозволи за организирање експедиција.

Во соработка со тимот на ботаничката градина во Богота и припадници на локалните домородни заедници, Магдалена тргнал на петдневна експедиција длабоко во дождовната шума. Истражувачите неколку денови безуспешно ги пребарувале поплавените делови на џунглата, сè додека локален возач не им посочил место каде што би можело да се наоѓа растението.


На само десет часа пред повратниот лет, тимот во текот на ноќта со чамец пристигнал до мало езеро во поплавената дождовна шума, каде што открил популација на џиновски водни кринови.

„Тоа беше толку емотивен момент што ми потече солза. Тоа е еден од оние моменти што ќе ми останат во сеќавање до крајот на животот“, истакнал Магдалена.

Џиновските водни кринови припаѓаат на една од најстарите групи цветни растенија што постојат и денес. Нивните листови можат да достигнат пречник од три метри и да ја издржат тежината на мало дете.


Истражувачите проценуваат дека во природата постојат само меѓу 30 и 50 примероци од видот „Викторија колумбијана“ (Victoria colombiana), поради што ова растение е исклучително ретко и се соочува со ризик од исчезнување.

Ботаничарите сега работат на тоа овој вид да добие официјална проценка на степенот на загрозеност на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН).


Во план се и мерки за долгорочно зачувување на растението, вклучително и можноста за создавање нова популација во попристапно езеро на територијата на домородните заедници.

Истражувачите планираат да продолжат со собирање семиња и да се обидат да го одгледуваат растението во Богота. Доколку овие напори бидат успешни, постои можност тоа да биде одгледувано и во Кралската ботаничка градина Кју во Лондон.