Откриено каде странците се најзадоволни од животот: Во оваа земја дури 42 отсто од нив сакаат да останат засекогаш

Точка

23/09/2026

16:34

378

Големина на фонт

а а а

Среќата е субјективна, но животот на бујните тропски острови и вкусната храна веројатно се добар почеток за оние кои ќе се преселат во странство.

Според извештајот на платформата „InterNations“, која ги поврзува луѓето кои живеат надвор од својата земја, Тајланд е на првото место според задоволството од животот.

Дури 86 отсто од испитаните странци во Тајланд изјавиле дека се задоволни од животот во таа земја, додека светскиот просек изнесува 70 отсто. 42 отсто од нив рекле дека би сакале да останат таму засекогаш. Една од причините за тоа се пристапните трошоци за живот.


„Нивните пари таму вредат повеќе“, се наведува во извештајот, со оценка дека Тајланд е најдобро рангиран во светот кога станува збор за трошоците за живот. Дури 85 отсто од странците кои живеат таму позитивно ги оценуваат овие трошоци, а домувањето е најпристапно меѓу сите земји опфатени со истражувањето.

Тајланд е и меѓу трите земји во кои странците најлесно се приспособуваат на животот. Во оваа категорија првото место го зазеде Мексико, додека жителите на Тајланд се оценети како најљубезни во светот. Тајландскиот здравствен систем го зазеде седмото место, а квалитетот на медицинската грижа четвртото.


Сепак, Тајланд заврши на последното место во категоријата животна средина и клима. Само една третина од испитаните странци позитивно го оценија квалитетот на воздухот. Како други можни потешкотии ги навеле слободата на изразување, банкарските и административните процедури, како и учењето на тајландскиот јазик.

Меѓу испитаниците во Тајланд, 40 отсто се во пензија, а 22 отсто се преселиле во таа земја токму поради пензионирањето. Во друго истражување, спроведено минатата година, Тајланд беше прогласен за најдобро место за пензионирање во Азија, исто така благодарение на пристапните трошоци за живот.


По Тајланд се наоѓа Панама, која го зазеде второто место според задоволството на странците кои живеат во неа, но и првото место на вкупната листа на најдобри земји за живот во странство. Од животот во Панама се задоволни 87 отсто од испитаниците, додека 90 отсто од нив рекле дека приходите со кои располага нивното домаќинство се доволни за удобен живот.

Мексико е трет според задоволството на странците, а првите пет ги заокружуваат Шпанија и Бразил.

На дното на листата е Норвешка, каде што странците се најмалку задоволни од животот. Следуваат Шведска, Германија и Обединетото Кралство.