Горивото е сè поскапо – купувачите повторно се вртат кон електричните автомобили

Точка

22/09/2026

20:19

187

Големина на фонт

а а а

Во САД Цените на новите електрични автомобили паѓаат, додека продажбата на половни електрични возила расте.

Цените на горивото продолжуваат да растат, а дел од купувачите поради тоа сè повеќе размислуваат за поекономични алтернативи. Хибридите во моментов се многу барани, но расте и интересот за целосно електрични автомобили.

Според податоците на компанијата „Cox Automotive“, продажбата на нови електрични автомобили во САД во август пораснала за 2,5 отсто во однос на јули.

Сепак, резултатот и понатаму е за 46,9 отсто послаб отколку во август минатата година, кога купувачите масовно купуваа електрични автомобили пред укинувањето на федералниот даночен кредит во САД.

Во август биле продадени речиси 79.000 нови електрични автомобили. „Tesla“ била убедливо најзастапена со нешто помалку од 41.000 возила, иако нејзината продажба паднала за 3,8 отсто во однос на јули.

„Toyota“ била втора, со раст на продажбата од 34,9 отсто, на 4.964 возила.


Електричните автомобили сè поевтини

Просечната цена на нов електричен автомобил во август паднала за 1,3 отсто во однос на јули и за 2,8 отсто на годишно ниво.

Таа и понатаму е повисока од цената на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, но разликата се намалува.

Просечната цена на електричен автомобил изнесувала околу 54.754 долари, во споредба со приближно 49.907 долари за автомобил со класичен погон.


Продажбата на половни електрични автомобили во пораст

Уште поизразен раст е забележан на пазарот на половни електрични автомобили. Нивната продажба во август се зголемила за 25,9 отсто во однос на јули, додека на годишно ниво пораснала за 14,7 отсто. Вкупно биле продадени 44.350 возила.

Просечната огласена цена на половен електричен автомобил паднала за еден отсто во август и изнесувала околу 37.441 долар. Сепак, тоа е за 8,2 отсто повеќе отколку една година претходно.


„Tesla“ и на пазарот на половни автомобили била најзастапена, со речиси 30 отсто од вкупната продажба. Истовремено, „Nissan“ ја зголемил продажбата за 45,1 отсто, а „Kia“ за 32,1 отсто.

Меѓу најбараните модели биле „Tesla Model 3“, „Tesla Model Y“ и „Ford Mustang Mach-E“, кои забележале и најголем раст на обемот на продажба во однос на претходниот месец.