Кинеските производители во последните години на европскиот пазар главно настапуваа со електрични автомобили и SUV модели, но „GWM“ сега се обидува со нешто поинакво.
Неговиот „Tank 300“ е вистински теренец од старата школа, барем кога станува збор за конструкцијата, а во Италија ќе биде пуштен во продажба веќе во ноември.
За разлика од повеќето модерни SUV модели со самоносечка каросерија, „GWM Tank 300“ има рамна шасија, погон на сите четири тркала, редуктор и три блокади на диференцијалот. Значи, не станува збор само за автомобил со робустен изглед, туку за модел кој е конструиран и за посериозно теренско возење.
Купувачите ќе можат да избираат меѓу две прилично различни верзии. Основниот модел го придвижува 2,4-литарски турбодизел мотор со 184 КС, деветстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Цената во Италија изнесува 46.500 евра.
Хибридот има дури 408 КС
Многу поинтересна е плаг-ин хибридната верзија „Hi4-T“. Таа комбинира 2,0-литарски турбобензински мотор со електромотор, а системот вкупно развива 408 КС и 750 Nm вртежен момент.
Производителот наведува и до 95 километри електричен досег според „WLTP“, додека цената на оваа верзија изнесува 51.400 евра. И хибридот ги задржува редукторот и теренските способности, па електрифицираниот погон овде не е замена за класичниот 4×4 систем.
„Tank 300“ притоа однатре воопшто не делува како спартански теренец. Стандардната опрема вклучува 18-инчни алуминиумски фелни, панорамски покрив, кожени Напа седишта со греење, вентилација и масажа, како и два екрани со дијагонала од 12,3 инчи.
Ви изгледа познато?
Тука се и адаптивниот темпомат, автоматското сопирање во итни ситуации и системот за следење на мртвиот агол, додека плаг-ин хибридот има и V2L функција, која овозможува надворешни електрични уреди да се напојуваат од батеријата. Повозрасните читатели можеби неодоливо ќе ги потсети на култната Лада Нива…

„GWM“ во последните месеци интензивно започна да го проширува своето работење во Европа, а „Tank 300“ покажува дека Кинезите повеќе не сакаат да се натпреваруваат само во сегментот на патнички SUV модели и електрични автомобили. Со влегувањето во сегментот на класичните теренци, тие отвораат уште еден дел од пазарот кој со децении главно беше во рацете на јапонските, американските и европските производители.















