[ФОТО/ВИДЕО] Големо археолошко откритие во Перу: Пронајдена гробница стара неколку векови

Точка

11/09/2026

20:24

151

Големина на фонт

а а а

Тим археолози открил древна гробница со останки од 38 луѓе, како и предмети изработени од бакар и злато, во Чан Чан, на северот од Перу, соопшти перуанското Министерство за култура, а пренесе „Франс 24“.

Колективната гробница била откриена пред неколку недели во Чан Чан, околу 500 километри северно од главниот град Лима.

„Пронајдовме останки од 38 лица кои биле погребани на погребна платформа“, изјавил археологот Хорхе Менесес на прес-конференција одржана на местото на откритието.

„Истражувачите меѓу пронајдените останки идентификуваа клучна личност која припаѓала на елитната група во општеството Чиму, стара околу 600 години“, објаснил Менесес.


На локалитетот биле пронајдени и 200 црни керамички садови со црвени пигменти. Според Менесес, откритието има „исклучителна вредност за перуанската археологија бидејќи ќе ни овозможи подобро да ги разбереме погребните обичаи на овие луѓе“.

„Имаме можност да ги проучуваме луѓето и предметите онака како што биле положени на оваа погребна платформа пред речиси 600 години“, истакнал тој.

Чан Чан бил главен град на кралството Чиму, каде што припадниците на владејачката класа главно биле погребувани на погребни платформи во рамките на поголеми градби. Културата Чиму се развивала меѓу 900 и 1450 година на северниот брег од Перу.


Името Чан Чан на домородниот јазик значи „сјајно сонце“.

Цитаделата имала десет оградени палати и се простирала на површина од 20 квадратни километри, а во периодот на својот најголем процут во неа живееле околу 30.000 луѓе.

Чан Чан во 1986 година бил прогласен за светско наследство на УНЕСКО, но истата година бил вклучен и на Листата на загрозено светско наследство поради активностите на натрапниците, продирањето на морската вода и дождовите.

Археолозите во 2021 година во Чан Чан откриле и повеќекратна гробница со останки од 25 лица, меѓу кои имало жени и деца.