Хулијан Алварез, напаѓачот на Атлетико Мадрид, минува низ тежок период и, според информациите од Шпанија, сака да го напушти клубот. Меѓутоа, Атлетико не сака да го пушти таму каде што тој најмногу посакува – во Барселона.
Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез (26), минува низ тешка депресија, објави шпанската радиомрежа „COPE“. Аргентинецот, кој по секоја цена сака да го напушти клубот, наводно ги пропуштил последните три тренинзи поради „здравствени проблеми“, а според сите индикации станува збор за проблеми од психолошка природа.
Алварез уште за време на Светското првенство во Америка јавно изјави дека сака да си замине од Атлетико Мадрид и да го „оствари својот сон“. Иако не кажа директно за кој клуб станува збор, сите препознаа дека неговата желба е трансфер во Барселона, која сака да го доведе. Сепак, во Атлетико Мадрид сметаат дека каталонскиот клуб ја започнал таа битка на нефер начин.

Поради тоа, од таборот на Алварез јавно беше соопштено дека постои можност Аргентинецот да го напушти клубот, но Атлетико категорично не сака да го продаде во Барселона.
Мартин Анхел Хил Марин (63), извршниот директор на Атлетико Мадрид, во четвртокот зборуваше за ситуацијата во која се наоѓа Аргентинецот.

„Хулијан навистина е во лоша состојба. Имаше луѓе кои се потрудија да го измамат и да го збунат и многу ми е жал поради тоа. Го познавам, веќе подолго време работиме со него и тој е голем професионалец и фудбалер. Многу е збунет и минува низ исклучително тешка ситуација, и на личен и на професионален план“, изјави Хил.
Не го сакаат ниту навивачите на Атлетико, а тој го слушна тоа
Сепак, целата тешка ситуација низ која минува Алварез нема да го натера клубот да попушти и да ѝ каже „да“ на Барселона, која не толку одамна веќе му одзеде фудбалер на Атлетико – Антоан Гризман.

Французинот подоцна се врати во Атлетико, но Алварез, според сè, нема да тргне по неговиот пат и да заврши на Камп Ноу.
Во меѓувреме, Алварез минатиот викенд беше исвиркан на натпревар на Атлетико – и тоа од навивачите на сопствениот тим













