Голманот на Вилјареал, Петер Гулачи, и неговото семејство доживеале вистинска драма во својот дом во Шпанија, кога вооружени разбојници упаднале во куќата и украле луксузни предмети вредни приближно 200.000 евра.
Според пишувањата на шпанските медиуми, вооружени мажи упаднале во нивната куќа во местото Пучол, недалеку од Валенсија, додека Гулачи, неговата бремена сопруга и нивните две деца биле дома.
Грабежот се случил во понеделник во утринските часови. Крадците влегле низ прозорецот на гаражата, им се заканувале на голманот и на неговата сопруга со пиштол и ги принудиле да го отворат сефот.

Четворицата разбојници поминале околу 40 минути во куќата, а меѓу украдените предмети биле часовници од луксузниот бренд „Rolex“, чанти од „Hermès“ и „Chanel“, накит и мобилни телефони. По грабежот побегнале со два луксузни автомобили, а голманот веднаш повикал полиција, која започнала истрага.
За среќа, никој од семејството не бил физички повреден, но инцидентот оставил сериозни последици врз нив. Поради сè што се случило, Гулачи не настапил за Вилјареал на натпреварот од Лигата на шампионите против Наполи (3:1).

Унгарскиот голман се огласил на социјалните мрежи и им се заблагодарил на сите што му дале поддршка по трауматичниот настан.
„Ви благодарам многу за сите пораки, љубезноста и поддршката. Навистина ги цениме. Настаните од понеделникот вечерта беа многу трауматични. Тоа што некој ни упадна во домот и ни го наруши чувството на сигурност е искуство за кое ќе ни биде потребно време да го пребродиме“, изјавил Гулачи. Тој истакнал дека семејството, и покрај сè, е безбедно и ја замолил јавноста да ја почитува нивната приватност.
„Пред сè, благодарни сме што нашето семејство е безбедно. Сакаме да го оставиме ова искуство зад нас колку што е можно и да му се вратиме на секојдневниот живот. Затоа ги молиме сите да ја почитуваат нашата приватност и да ни дозволат да продолжиме понатаму“, додал голманот на Вилјареал.
Инцидентот го потврдила и Делегацијата на шпанската влада во Валенсија, но деталите за околностите на грабежот засега не се познати. Полицијата го истражува случајот, а информации за евентуални апсења сè уште не се соопштени.











