Оваа снимка менува сè што знаеме за делфините: Научниците изненадени од нивното однесување

Точка

19/08/2026

21:06

376

Големина на фонт

а а а

Делфините се познати по својата исклучителна интелигенција, но ново истражување од источниот брег на Австралија донесе доказ што ги поместува границите на нашето разбирање за нивното однесување.

Истражувачите снимиле делфин како користи голема школка како „кофа“ – ја извадил на површината и со нејзина помош уловил риба! Меѓутоа, она што следувало било уште поинтересно.

Кога „Бентли“ ја зграпчил школката...

Младенчето цело време ја набљудувало мајката, а потоа ја зело истата школка и се обидело да ја повтори нејзината постапка, пренесува „Daily Mail“.

Истражувачите на младенчето му го дале прекарот „Бентли“, додека мајката ја нарекле „Масерати“.

На снимката се гледа како „Бентли“ ја презема школката, ја држи на ист начин како мајката и удира со неа по површината на водата. Тогаш од школката се појавува риба.

За научниците овој момент е особено значаен бидејќи укажува дека делфините можеби не учат да користат „алатки“ само од другите припадници на својата група, туку и директно од родителите.

Ја повторил постапката на мајката

Истражувачите во текот на 2025 година забележале најмалку два директни случаи на вакво однесување. Првиот се случил на 6 јули кај Херви Беј. Возрасна женка, наречена „Стиви Никс“, неколкупати подигнувала голема школка од водата и манипулирала со неа. Поради дождот, истражувачите не можеле со сигурност да утврдат дали во таа прилика успеала да улови риба.

Вториот случај, на 1 октомври, бил многу појасен. „Масерати“ ја извадила школката на површината, од неа исфрлила најмалку една риба, а потоа тргнала по пленот. Само неколку минути подоцна, „Бентли“ ја зел истата школка и ја повторил постапката на мајката.

Ова однесување, кое истражувачите го нарекуваат „shelling“, не е целосно непознато за науката. Сличен начин на користење школки бил забележан пред речиси две децении кај група од 19 делфини во Шарк Беј, на западниот брег на Австралија. Растојанието меѓу двете области изнесува околу 6.000 километри.

Токму затоа научниците ги интригира фактот што делфините на спротивните страни на континентот развиле практично ист начин на користење алатки – независно едни од други.

Колку е распространета оваа вештина?

Приказната за „риболовот“ со помош на школки можеби постоела и порано. Туристички бродови, според истражувачите, можеби забележале слични сцени во 2013 и 2019 година. Меѓутоа, научната заедница не дознала за тие набљудувања сè до новото истражување, објавено во списанието „Marine Mammal Science“.

Научниците сега се обидуваат да утврдат колку е распространета оваа вештина меѓу делфините на источниот брег на Австралија.

Засега не ја користат сите. Потребно е да научат каде да пронајдат соодветни празни школки, како правилно да ги фатат и како со нивна помош да ја извлечат рибата. Но, откако еден делфин ќе ја совлада техниката, се чини дека другите би можеле релативно лесно да ја усвојат преку набљудување.

Откритието отвора пошироко прашање за начинот на кој делфините го пренесуваат знаењето. Ако „Бентли“ навистина ја научил техниката директно од својата мајка, како што сугерираат снимките, тогаш пред научниците се појавува уште еден пример за сложено социјално учење во животинскиот свет.