26-годишен маж од Киев се обидел на крајно необичен начин да ограби продавница – се прекрил со смола, верувајќи дека така ќе стане „невидлив“ во темнината.
Планот не му успеал, а полицајците по апсењето се соочиле со дополнителен проблем: им биле потребни повеќе од пет часа, 12 литри масло и четири литри детергент за да го исчистат, пишува „Украинска правда“.
Влегол во буре со смола за да се камуфлира
Сè се случило во ноќта меѓу 12 и 13 август во еден супермаркет во киевскиот округ Свјатошин. Според истражителите, крадецот сакал да украде стока од продавницата и барал начин во текот на ноќта да остане незабележан.

На градилиште пронашол буре со смола и влегол во него, убеден дека, прекриен со црниот материјал, ќе се стопи со темнината.
По ова необично „камуфлирање“, со нога ја скршил стаклената врата од супермаркетот и влегол внатре. Во една вреќа ставил цигари, сок, слатки, портокал, грејпфрут и влажни марамчиња.
Не успеал да земе уште производи, бидејќи го забележале работници од обезбедувањето, по што побегнал. Сепак, неговото бегство не завршило тука.

На пат кон дома, наводно почнал да фрла камења кон прозорците на едно средно училиште. Тогаш го пронашле полицајци и го уапсиле, а кај него ја пронашле и вреќата со украдената стока.
Повеќе од пет часа ја отстранувале смолата
По апсењето следел нов проблем. Бидејќи бил целосно прекриен со смола, полицајците не можеле да го однесат во станица на распит, па најпрво морале да го исчистат.
Операцијата траела повеќе од пет часа. Полицијата наведува дека користеле четки за обувки, 12 литри масло и четири литри детергент за да ја отстранат смолата од неговото тело.

Откако бил исчистен, мажот бил задржан. Истражителите од округот Свјатошин го информирале дека е осомничен за разбојништво и хулиганство, додека истрагата ја координира окружното обвинителство.
Украинската полиција на 14 август ги објавила деталите за случајот, како и фотографиите од осомничениот и необичната акција за отстранување на смолата по неговото апсење.











