Ник Кирјос стана топ тема во цела спортска јавност поради позитивен допинг тест на кокаин, веста која бомбастично одекна ова утро во период кога е актуелен Мастерсот во Синсинати.
Австралиецот имал позитивен допинг тест во месец јуни, а Меѓународната агенција за интегритет во тенисот ја објави оваа вест денеска, но пред да дојде до тоа, свое обраќање на социјалните мрежи имаше и Кирјос.
Ник е свесен за големата глупост која ја направил и прифаќа одговорност за сите последици кои ќе дојдат со прекршокот, но најавува дека не планира да се откаже од играње тенис и во иднина.
– Сакав прво да го чуете ова од мене. Неодамна паднав на допинг тест на Мајорка откако бев позитивен на кокаин. Направив огромна грешка и ја преземам целосната одговорност за тоа. Им се извинувам на моите фанови, моето семејство, моите спонзори и на сите блиски до мене. Пред сè, им се извинувам на децата што ме следат. Знам каков пример сакав да оставам и длабоко сум разочаран од себе.
– Не сакам да звучи како оправдување, но сакам да дадам контекст за тоа каде сум бил. Последните неколку години повредите земаа огромен данок, и физички и ментално. Моето тело не беше во можност да го направи она што мојот ум го очекува, а справувањето со тоа што сум близу до крајот на мојата кариера беше потешко отколку што некогаш замислував.
– Секогаш велев дека не го избрав тенисот – тенисот ме избра мене. Но, откажувањето од нешто што е дел од мене целиот мој живот е едно од најтешките нешта со кои некогаш сум се соочил. Понекогаш се чувствував беспомошен и осамен. Сепак, ништо од тоа не го оправдува она што го направив.
– Во цела ситуација, добрата вест е дека ова ме разбуди. Во следните 28 дена ќе се повлечам од социјалните медиуми и јавниот живот додека се фокусирам на тоа да се справам со себе. Би ги замолил луѓето да ја почитуваат мојата приватност во тој период, а најважно од сè, приватноста на моето семејство. Жал ми е. Ќе ја завршам работата и ќе се вратам подобар, – порача Кирјос.












