Монако го „откачи“ Погба со официјално соопштение

Дерби

19/08/2026

14:00

131

Големина на фонт

а а а

Монако беше клубот кој прв му подаде рака на Пол Погба откако Французинот зад себе остави непријатна епизода со позитивен допинг тест, а долгата пауза на крајот направи тимот од „кнежевството“ да нема никаква корист од некогашниот светски шампион.

Погба одигра само шест натпревари минатата сезона и имаше улога на епизодист во француската фудбалска елита, па пред да се означи официјален старт на новата натпреварувачка сезона, двете страни седнаа на маса и донесоа најрационален договор.

Монако и Погба раскрстија една година по договорот за двегодишна соработка, а тоа значи дека Пол од денеска е слободен агент и може да преговара со било кој друг за нова шанса во кариерата.

– Со оглед на тоа што првично поставените цели беа само делумно остварени, АС Монако и Пол Погба одлучија да се разделат пред првиот официјален натпревар од оваа нова натпреварувачка сезона.

– Клубот изразува најискрена благодарност до светскиот шампион од 2018 година за неговата доверба и огромниот професионализам што го покажа за време на неговата авантура во Монако. АС Монако длабоко му се заблагодарува на Пол и му посакува се најдобро во иднина, – гласи објавата на клубот од „кнежевството“.