Македонската водителка и инфлуенсерка Миа Костова сподели вознемирувачко искуство со своите следбеници на Инстаграм, откако открила дека повеќе од една година комуницирала со личност која, според нејзините сознанија, користела туѓи фотографии, видеа и животни приказни за да се претставува под лажен идентитет.
Според Костова, личноста зад профилот ѝ се претставувала како жена со тешка животна приказна. Тврдела дека изгубила две ќерки поради тешка болест, дека има трето дете по име Миа и дека работи како медицинско лице на онкологија со деца заболени од рак. Во текот на комуникацијата ѝ испраќала и видеа од пеење и свирење, претставувајќи ги како свои.
„Во мојава осумгодишна кариера на допишување со непознати жени, личности што не ги познавам, вакво нешто никогаш не ми се случило“, рече Костова.


Со истиот профил комуницирала и Ивана Лескароски, мајка на Роман Лескароски, кое е дете со ретки болести. Двете набрзо забележале дека делови од приказната што им ја раскажувала личноста зад профилот многу наликуваат на вистинската животна приказна на Ивана, која во јавноста претходно зборувала за загубата на две деца, повеќекратните спонтани абортуси и раѓањето на Роман.
„Тотално сум избезумена од фактот дека некој си играл со моите чувства и емоции“, реагираше Ивана откако дознала што се случува.

Видеата биле преземени од српска пејачка
Пресвртот се случил кога Костова добила порака од девојка која ја предупредила дека фотографиите и видеата на спорниот профил, наводно, припаѓаат на друга жена – пејачка од Србија.
Кога го отворила профилот на вистинската пејачка, Костова тврди дека ги пронашла истите видеа што во текот на изминатата година ѝ биле испраќани приватно како наводно лични музички поздрави.

„Јас сум во шок како некој може буквално да украде идентитет, приказна“, рече таа.
По објавувањето на случајот, Костова почнала да добива пораки и од други жени кои тврдат дека комуницирале со истиот профил. Меѓу нив, според неа, има и инфлуенсерки, но и жени кои не се јавно експонирани.
Особено ја вознемирило сознанието дека дел од жените се мајки на деца со сериозни здравствени проблеми. Меѓу сведоштвата што ги споделила има и комуникација со инфлуенсерката Христина Пан во периодот кога нејзината ќерка Тара се лекувала на онкологија.

Се претставувала и како медицинско лице
Костова открила и дека по трагичниот пожар во Кочани во март 2025 година, лицето зад профилот ѝ понудило стан во близина на Градската болница. Во други пораки се претставувало како медицинско лице и нудело помош, медицински материјали и персонал.
Според Костова, не успеале да пронајдат лекар со името под кое се претставувало лицето.

Откако таа го испратила линкот до профилот на вистинската жена чии фотографии и видеа, според неа, биле користени, била блокирана. Во истиот период била блокирана и Ивана, а профилот подоцна бил деактивиран. Дел од жените, сепак, претходно направиле скриншотови од разговорите.
„Може ја познавам, може ме познава, може седи со мене на маса… Може не е ни жена“, рече Костова, нагласувајќи дека засега не знае кој навистина стои зад профилот.

Миа сподели и неколку можни теории за мотивот, меѓу кои и можноста преку долготрајното градење доверба со инфлуенсерки и мајки на болни деца да се подготвувал терен за евентуално барање или собирање пари. Сепак, таа нагласи дека нема доказ дека преку профилот навистина биле барани или собирани финансиски средства.
Исто така, останува непотврдено дали лицето има каква било поврзаност со медицинска установа.
Костова најави дека случајот ќе го пријави во Одделението за сајбер безбедност и ги повика сите други лица кои комуницирале со спорниот профил да го пријават своето искуство.













