Пресли Гербер, синот на супермоделот Синди Крафорд, кој го доби со сопругот Ренди Гербер, почина во неделата во установа за рехабилитација, според наводите на Канцеларијата на медицинскиот истражител на округот Лос Анџелес. Пресли, постариот брат на Каја Гербер, имаше 27 години. Причината за смртта засега не е утврдена.
Претставник на семејството исто така ја потврди смртта на Пресли за „TMZ“, порачувајќи дека семејството „моли за приватност во овој исклучително тежок и болен период“. Пресли низ годините многу отворено зборуваше за својата борба со менталното здравје и употребата на дроги. „Во последно време доживеав многу загуби, во многу различни облици“, рече тој во видео објавено на „Instagram“ во декември 2025 година. „Тоа не е оправдување, но тоа е причината, или дел од причината, зошто сега сум тука каде што сум.“

Гербер е роден во Калифорнија во 1999 година. Како и неговата сестра Каја, многу млад влезе во светот на моделството, а на модната писта дебитираше на само 16 години за италијанскиот бренд „Moschino“. Подоцна имаше ревии за брендови како „Burberry“, „Dolce & Gabbana“ и „Bottega Veneta“, како и за американските брендови „Tommy Hilfiger“ и „Ralph Lauren“. Гербер учествуваше во кампањи за „Calvin Klein“, „Celine“, „Pepsi“ и „Omega“, а се појавуваше и во списанија како „GQ Style“ и „The New York Times Style Magazine“.

Отворено зборуваше за проблемите со зависноста и менталното здравје
Манекенот отворено зборуваше за својата борба со зависноста и лековите што ги земал. Крафорд тогаш на социјалните мрежи напиша: „Пресли, те сакаме и не си сам.“ Тој зборуваше и за својот најблизок круг луѓе, објаснувајќи дека сака да се опкружи со позитивни влијанија. „Пораснав во Холивуд и околу мене има многу луѓе кои бескрајно ги сакам“, рече Пресли. „Но, во моментов се обидувам да не бидам во нивно друштво. Се надевам дека ова ќе допре до луѓето на различни начини и дека ќе почувствуваат дека не се сами, бидејќи јас поголемиот дел од времето се чувствувам токму така“, додаде Пресли.

Само минатиот месец, во текст за „Vogue“ објавен на 11 август, Каја зборуваше за личните тешкотии на својот брат. „Кога нешто такво ќе се случи во семејството, на некој начин сè се изедначува“, рече актерката и манекенка. Каја исто така го пофали својот брат поради неговата отвореност.

„Моите родители поголемиот дел од нашите животи се обидуваа сè да задржат во приватност“, рече Каја. „А сега го имаме нашиот апсолутен учител, мојот брат, кој вели: ’Ќе бидам целосно отворен и ќе ја покажам својата човечност пред сите.‘ Постои само одредена количина работи што можеш да ги скриеш од светот. А обидот нешто да потиснеш само прави човекот да се чувствува како да се срамиш од него“, рече Каја.








