Свеченото отворање на 47-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола донесе бројни гости и филмски имиња, но големо внимание привлече и модното издание на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Како покровителка на фестивалот, Сиљановска-Давкова присуствуваше на свечената церемонија и го прогласи фестивалот за отворен. Во рамки на вечерта, таа му ја врачи и престижната награда „Златна камера 300“ за животно дело на данскиот кинематографер Дан Лаустсен.

За оваа посебна пригода, претседателката избра креација која се издвојува со нежна светлосина основа и раскошен цветен дезен. Големите цветни мотиви во сина, розова, портокалова и зелена боја внесуваат динамика и колорит, додека кројот на фустанот остава впечаток на класична свеченост.
Моделот ја следи линијата на телото во пределот на половината, а потоа преминува во широко здолниште со богата форма. Токму волуменот на долниот дел му дава на фустанот впечатлива силуета, особено при движење и фотографирање на црвениот тепих.

Бидејќи самиот принт е доволно доминантен, останатите модни детали биле сведени на минимум. Светлите чевли на претседателката одлично се вклопиле со нежната основа на креацијата, а изгледот го надополнила и со дискретен накит.
Во знакот на филмската камера и визуелната уметност, овогодишното издание на „Браќа Манаки“ се одржува под мотото „Ткајачи на филм“ и трае од 19 до 25 септември. Во официјалната селекција „Камера 300“ се натпреваруваат 12 долгометражни филмови.











