Опра Винфри се појави во јавност во друштво на својот долгогодишен партнер Стедман Греам по цели седум години, а парот е во врска веќе четири децении.
Водителката (72) ги собра поранешните соработници од хит-серијалот „The Oprah Winfrey Show“ на имотот Нејви Пјер во Чикаго, по повод 40-годишнината од почетокот на емитувањето на ова култно шоу.
Прославата се одржа во ресторанот „Reunion“, чиј сопственик е познатиот готвач Арт Смит. Парот позираше со Смит и со голема овална порција похувано пилешко, а фотографијата на социјалните мрежи ја сподели телевизиската продуцентка Џил Ван Локерен.

„Собирање по повод 15 години од завршувањето на 'The Oprah Winfrey Show'. Се појави најдобриот гостин изненадување. Ноќ исполнета со љубов и чиста радост. Засекогаш благодарна, Опра“, напиша Ван Локерен во описот на фотографиите.
Греам (75), инаку генерален директор на сопствена компанија за менаџмент и маркетинг-консалтинг, за оваа пригода избрал класичен црн костум и бела кошула, додека Винфри се појавила во елегантен кремаст костум со пруги.
„Едноставно не можам да поверувам дека на 8 септември ќе се навршат точно 40 години откако ја започнавме емисијата. Ви благодарам што бевте најдобриот тим досега“, порача Винфри во емотивниот говор објавен на Инстаграм.
Иако се заедно уште од 1986 година, истата година кога дебитираше и нејзината емисија, парот никогаш не застана пред олтарот, а својот приватен живот главно го чуваше подалеку од медиумите. Ова е нивно прво заедничко појавување во јавноста по октомври 2019 година, кога присуствуваа на свеченото отворање на студиото на Тајлер Пери.
Иако се свршија во 1992 година, свршувачката ја раскинаа една година подоцна. Винфри во есеј од 2020 година ги објасни причините за таквата одлука:

„Сфатив дека всушност не сакам брак. Сакав да ми предложи брак – да знам дека смета дека сум вредна за тоа, но не сакав жртви, компромиси и секојдневната посветеност што ја бара бракот“, наведе таа.
Винфри во повеќе наврати истакна дека не жали ниту поради одлуката да нема деца. Таа кажа и дека ученичките и поранешните ученички на нејзината академија за девојчиња во Јужна Африка ги доживува како ќерки.














