Фабрис Табма направи клучна разлика на вчерашното македонско дерби во Првата лига и му пресуид на Вардар со двата гола во мрежата на Талески, блесок кој пристигна во најдобро време за Шкендија во пресрет на големиот предизвик кој следи.
Дербито со Вардар се играше измеѓу двомечот со Хибернијан во третото квалификациско коло во Конференциската лига, па јасно е дека вчерашното издание на „Тодор Проески“ треба да влијае позитивно врз четата на Положани, особено ако се земе во предвид доминацијата во вториот дел.
Шкендија постигна два гола, а можеше да постигне најмалку уште толку, но херојот Тамба остана доволно понизен по крајот на дербито и нагласи дека тој и соиграчите мора да останат приземјени и да не летаат во облаци.
– Одигравме тежок натпревар поради временските услови, беше многу жешко за игра, но подобро се справивме во второто полувреме. Го сменивме менталитетот после паузата и влеговме на теренот онака какошто се договоривме. Влеговме со желба да го добиеме мечот во вториот дел и го направивме токму тоа, – изјави Тамба, за кого ова беше трет гол во дуелите со Вардар.
– Не би рекол дека Вардар е тим кој ми одговара, само излегов на теренот со став и го направив она што тренерот го побара од мене. Среќен сум, постигнав два гола на големо дерби против ислен ривал. Сепак, не треба да се залетуваме, мора да останеме понизни и цврсто да стоиме на земја пред предизвикот кој ќе следи во четврток.
– Победата добро ни доаѓа пред реваншот со Хибернијан, ќе ни биде потребна извонредна мотивација за да направиме пресврт. Мора да бидеме силни ментално и ќе ни биде потребна поддршка од сите. Навивачите сега не беа со нас против Вардар, но во четврток ќе бидат тука и ќе дадеме се од себе за да победиме, – изјави Тамба.
Шкендија во четврток ќе брка негатива од 2:1, а доколку победи со два гола разлика ќе обезбеди пласман во бараж колото за Конференциската лига.










