Португалскиот играч од средниот ред Жоао Невеш (21), една од ѕвездите на Пари Сен Жермен, привлече големо внимание со необичното доаѓање на тренингот на францускиот шампион. Додека навивачите се навикнати фудбалерите на ПСЖ да ги гледаат во скапоцени спортски автомобили, Невеш се појави зад воланот на „Peugeot Partner“.
Станува збор за доставно комбе од 2021 година, кое на пазарот на половни возила може да се најде за околу 8.000 евра. Особено интересно е што португалскиот репрезентативец, според истиот извор, во ПСЖ заработува околу 175.000 евра неделно. Истиот износ го наведува и „Capology“, неофицијален извор за платите на фудбалерите, што значи дека една сезона фиксно му носи околу девет милиони евра, а со бонусите заработката достигнува и до десет милиони евра.
Снимката од неговото пристигнување брзо се прошири на социјалните мрежи. Невеш застана кај навивачите собрани пред тренинг-центарот на ПСЖ, подели автограми, а потоа го продолжи патот со комбето. Снимката ја пренесоа и француските медиуми, а неговиот избор на автомобил предизвика бројни позитивни реакции меѓу навивачите.
João Neves est arrivé au Campus PSG… en camionnette utilitaire. 😂🚛🇵🇹 pic.twitter.com/VRgJloy6Yk
— Le Meilleur du PSG (@LMDPSG) August 31, 2026
За Невеш
Невеш пристигна во ПСЖ од Бенфика во летото 2024 година. Парижаните за тогаш 19-годишниот играч од средниот ред платија околу 60 милиони евра, а тој многу брзо стана еден од клучните фудбалери во тимот на тренерот Луис Енрике. Стандарден е и во португалската репрезентација, а во средниот ред на ПСЖ особено се истакна во соработката со својот сонародник Витиња.
Невеш и претходно бил забележан во луксузни автомобили, поради што не е јасно дали „Peugeot“ е автомобил што редовно го користи или со него се појавил само во оваа прилика. Португалските медиуми наведуваат дека комбето имало португалски регистарски таблички.












