Хиларија Болдвин (42) за бракот со Алек (68): „Спонзоруша не раѓа седум деца“

Точка

03/08/2026

13:01

979

Големина на фонт

а а а

Хиларија Болдвин реагираше на долгогодишните обвинувања дека е во брак со актерот Алек Болдвин исклучиво поради финансиски причини.

Во неодамнешно интервју објаснила зошто на почетокот од нивната врска одбивала скапи подароци и како нивните седум деца се најдобриот демант на таквите тврдења.


„Не сакав да бидам заробеничка“

Гостувајќи на радиото „SiriusXM“, таа признала дека ваквите етикети на почетокот ја повредувале.

„Ме погодуваше тоа затоа што едноставно не сум таква личност. Од самиот почеток – мислам дека досега никогаш не сум го спомнала ова – постојано се обидуваше да ми купува нешто, а јас му велев: „Не, не го сакам тоа“, изјавила Хиларија.


Парот се запознал во 2011 година. Тогаш Алек имал 52 години и веќе бил холивудска ѕвезда, додека Хиларија имала 27 години и работела како инструкторка по јога. Се присетила дека во тоа време живеела скромно во стан во Њујорк и во зима ги загревала рацете на својот стар лаптоп.

Објаснила дека намерно ги одбивала подароците за да биде сигурна во своите чувства кон него.


„Не сакав да ми купува ништо затоа што сакав да бидам сигурна дека ми се допаѓа поради тоа што е како личност, а не да станам заробеничка во таа врска. Луѓето кои влегуваат во врска од такви мотиви често завршуваат во многу лоша ситуација. Морав да знам дека навистина сакам да бидам таму“, раскажала Хиларија.


„Спонзорушите не раѓаат седум деца“

Хиларија и Алек се венчаа во јуни 2012 година и во бракот добија седум деца: Кармен (12), Рафаел (11), Леонардо (9), Ромео (8), Едуардо (5), Марија (5) и Иларија (3). Актерот од претходниот брак со Ким Бејсингер ја има и ќерката Ајрленд.


Токму големото семејство таа го посочила како главен аргумент против обвинувањата дека е со него поради пари.

„Тоа веројатно е вистинскиот тест. Дали и понатаму ќе ме нарекувате спонзоруша? Мислам, пред сè, спонзорушите не раѓаат седум деца. Ќе родиш едно и ќе си заминеш. Не раѓаш седум, затоа што децата се исклучително скапи“, заклучила низ смеа.