Нејзиниот хит „Die on This Hill“ одекнува во речиси секое видео на ТикТок. Песната е поп-соул балада за останување во токсична врска. Откако беше објавена кон крајот на минатата година, собра повеќе од 300 милиони преслушувања на Јутјуб и Спотифај, стигна до 9. место на британските топ-листи и влезе меѓу првите 20 на американската листа Билборд Хот 100.
Ја обожаваат СЗА, Марк Ронсон и Алекс Ворен, беше номинирана во категоријата „Critics‘ Choice“ на британските музички награди „BRIT Awards“, а нејзиното име е – Сиена Спиро.
Ја споредуваат со Адел
Со своите искрени емоции и ретро призвук, „Die on This Hill“ ја продолжува традицијата на мелодични балади на млади британски изведувачи како Ејми Вајнхаус, Дафи и Луис Капалди. Сепак, гласот на Сиена се издвојува: богат е, полн и го поседува она специфично „кршење“ во гласот што таа го користи за максимален емотивен ефект.
Многумина тврдат дека станува збор за најимпресивниот вокал што Англија го дала по појавата на Адел. „Сиена е вистинска уметница со гласот на генерацијата Зет“, рекол Сем Смит, кој ја поканил младата пејачка да му се придружи на сцената за време на еден концерт. Смит се присетил дека Спиро „ги воодушевила сите присутни“, поради што повторно ја поканил заедно да ја изведат „Die on This Hill“. „Светот е под нејзините нозе“, заклучил Смит.
Деби-албумот постигнува огромен успех
По успехот на синглот, Сиена Спиро успеа да влезе и меѓу десетте најпродавани албуми во САД со своето деби-издание „Visitor“, што е редок успех за британски изведувач. Во Америка, албумот го освои 9. место со 39.000 продадени единици, додека во Велика Британија дебитираше на второто место. Со тоа таа стана првата британска музичарка чиј деби-албум влегол во американските Топ 10 по Ела Маи во 2018 година.
Со песната „Great Expectation“, која се најде на 91. место на листата, Спиро сега има дури четири хитови од својот деби-албум на Билборд Хот 100, успех што последен пат го постигна Дуа Липа во 2018 година. Песните од албумот „Visitor“ досега надминаа една милијарда стримови ширум светот.
Лондонската пејачка привлекува специфична публика: оние кои премногу споделуваат на социјалните мрежи, непоправливите романтичари и што е најважно, оние кои постојано копнеат по нешто. Таа изгради филмски свет во кој копнежот не е нешто од кое треба да се срамиме, туку е суштината на сè. Тој копнеж во нејзината музика има хипнотизирачки и мрачен звук – интимен, а сепак целосно отворен.
На прашањето дали и самата се смета за личност која постојано копнее по нешто, таа одговорила: „Ми треба многу време за да се поврзам со некого или да почне да ми значи, но кога тоа ќе се случи, тогаш тоа е тоа. Не сум личност која лесно ги пушта работите… Луѓето на кои им дозволувам да ми се доближат се луѓе за кои навистина се грижам, па затоа ми е тешко едноставно да прекинам сè и да се исклучам“.
Нејзиниот стил, обликуван под влијание на нејзиниот татко, кој ги сакал Френк Синатра, Ета Џејмс и Ела Фицџералд, но и Адел и Ејми Вајнхаус, резултирал со живописен начин на раскажување приказни што нејзините песни ги претвора во „минијатурни филмови“.
Од повлечено дете до музичка сензација
Спиро го опишала пеењето како свој животен повик. „Знам што сакам да правам уште откако знам за себе“, изјавила таа за магазинот „Ел“. „Отсекогаш сум се чувствувала малку невидливо“, додала таа, без разлика дали била на училиште или дома како средно дете во семејството. За Спиро, која себеси се опишува како осамена и „чудна“ девојка, музиката станала начин да го премости јазот во комуникацијата со своите врсници.
„Чувствата често ме преплавуваат. Отсекогаш сум имала силно чувство за правда, но не знаев како да го изразам тоа“, објаснила таа. На прашањето дали кога била помлада била малку депресивна, низ смеа одговорила: „На свој начин, да. Во ред е. Се случи. Ми го изгради карактерот“.
Спиро пораснала во имотно лондонско семејство како едно од четирите деца на Глен Спиро, познат јувелир. На 16-годишна возраст се запишала на академијата „East London Arts and Music“, но нејзиното школување таму не траело долго.
Уште на првиот ден од наставата објавила видео на ТикТок кое предизвикало огромен интерес кај издавачките куќи, па набрзо го напуштила училиштето и почнала да патува во Лос Анџелес поради деловни ангажмани.
Денес Спиро вели дека има однос на „љубов и омраза“ (love-hate) со градот во кој поминува половина од своето време. „Јас сум Англичанка и мислам дека нашата искреност е специфична – не мора да погодувате што мисли некој. Ме шокираше тоа што во Лос Анџелес луѓето не го кажуваат она што навистина го мислат“, раскажала Спиро.
Таа признала дека се чувствувала осамено, што ѝ го отежнувало создавањето музика: „Пишувам тажна музика, но тешко е да бидеш тинејџер, да бидеш далеку од семејството и пријателите и да се наоѓаш на место каде што мораш да се преправаш дека си возрасна личност“.
Сепак, тоа никогаш не ја натерало да се посомнева во својата кариера. „Не. Само ме натера да преиспитам ’како‘ го правам тоа. И не е баш секој дволичен лажго. Има и добри луѓе“, истакнала таа.
Жените во музичката индустрија
„Според моето искуство, денес е малку полесно да се биде жена во музичката индустрија отколку што сум слушнала дека било порано. Она што навистина ме шокираше е начинот на кој се третираат жените кои работат зад сцената. Имам менаџерка и иако на сцената се гледа само моето лице, ние двете сме целосно рамноправни. Таа заслужува многу повеќе почит отколку што веројатно некогаш ќе добие. Нема да лажам, ова сè уште е машки клуб“, рекла Спиро.

Уметнички идоли и силата на ранливоста
Како еден од своите најголеми идоли, Спиро ја издвоила британската пејачка Реј (Raye): „Дефинитивно Реј. Токму кога почнав да работам во музичката индустрија, таа ја објави песната ’Ice Cream Man‘. Во неа зборува за мрачни и страшни работи и ѝ се восхитувам што го користи својот глас“.
Англичанката додала дека исклучително ги цени уметниците кои ја користат музиката за да испратат порака, наведувајќи ги како примери албумот „What’s Going On“ на Марвин Геј и Нина Симон, која „секогаш имала што да каже“.
Песна за скршено срце
Со оглед на тоа што и самата неодамна поминала низ раскинување, пејачката им препорачува една од своите песни на сите оние со скршено срце.
„Мислам дека мојата најтажна песна за раскинувањето што ме скрши е ’I Don’t Hate You‘. Најлошото кај раскинувањето е кога не можеш да бидеш лут. Тешко е и тажно кога не можеш да мразиш некого дури и откако ќе ти направи нешто ужасно“, објаснила Спиро.
Создавањето на хитот и борбата за автентичност
За хитот „Die on This Hill“, кој го напишала заедно со Мајкл Полак и Омер Феди, Спиро сакала да го долови чувството „кога даваш сè од себе само за некој да ти возврати на чувствата“. Иако песната била напишана брзо, снимањето траело подолго.
На предлог на Феди, тие снимиле верзија во живо, само со вокал и пијано, која станала основа на хитот. На почетокот од јануари, Спиро маестрално ја извела песната во шоуто на Џими Фалон, а снимката од настапот на ТикТок е прегледана повеќе од 70 милиони пати.

За разлика од многу свои врсници, таа искрено верува во форматот на албумот. „Сакам албуми кај кои никогаш не се прашуваш зошто некоја песна е таму, каде што сè изгледа намерно и осмислено“, истакнала Спиро.
Исто така признала дека некои од своите претходни песни не ги смета за автентични. „Се обидував да бидам некој друг бидејќи не се чувствував удобно во сопствената кожа“, рекла таа, посочувајќи ја песната „Back to Blonde“ како потег за кој жали.










