Македонската алпинистка, планинарка и уметница Илина Арсова упати јасна и директна порака до надлежните за состојбите со туризмот и туристичката инфраструктура во Охрид, посочувајќи на повеќе проблеми кои, според неа, оставаат лош впечаток кај посетителите.
Арсова, која веќе 15 години живее во Охрид, овојпат градот го погледна од една поинаква перспектива – како туристка. Токму тоа искуство, како што сподели на социјалните мрежи, ѝ дало можност одблизу да забележи работи кои можеби секојдневно ги занемаруваме, но за еден домашен или странски турист можат да бидат значаен дел од целокупниот впечаток за дестинацијата.
Во својата објава таа се осврна на повеќе сегменти од туристичката понуда на Охрид, почнувајќи од јавниот превоз и инфраструктурата, па сè до угостителските услуги и проблемот со бесправната градба.
Според неа, кога зборуваме за развој на туризмот, не е доволно Охрид да се потпира единствено на природните убавини, езерото, културното наследство и фактот што е една од најпознатите туристички дестинации во земјава.

Нејзината објава на Инстаграм ви ја пренесуваме во целост:
✨„Деновиве бев туристка во Охрид па се запознав со искуствата на домашните и странски посетители во однос на јавен превоз, угостителски услуги и инфраструктура.
Иако 15 години живеам во Охрид, возачите на Димакс неколкупати се обидоа да ме измамат за цената на билетот.
Катамарани и моторни чамци под името Премиер и сл. дрско ми се закануваа додека пливав, иако бев на само 100 метри од брег каде ним не им е дозволено да возат.
Патот до Св Наум, е субстандарно обновен со очигледни пропусти ризични за велосипеди и пешаци.
Добив значително зголемен број на поплаки од реномирани ресторани кои биле дрски со дотогаш нивни редовни клиенти.
И секако зголемен број на бесправни градби и доградби, не само што се спротивни од препораките на УНЕСКО туку и се сериозна закана за безбедноста на населението“.
Охрид несомнено има огромен туристички потенцијал. Езерото, Стариот град, црквите и манастирите, природата, културното наследство и специфичната атмосфера се нешта кои не можат лесно да се реплицираат на друго место.

Но, токму поради тоа, смета Арсова, потребно е повеќе внимание да се посвети на начинот на кој тој потенцијал се користи.
Нејзината порака до надлежните може да се сфати и како повик за посериозен пристап кон туризмот – не само во екот на сезоната, туку во текот на целата година. Од подобра инфраструктура и организиран транспорт, преку поквалитетни услуги, до поголема грижа за просторот и природното и културното наследство.








