Во Бразил отидоа чекор понатаму кога станува збор за фудбалските правила и донесоа одлука за суспензија каква досега не е видена.
Во Бразил е донесена одлука каква досега не е видена во фудбалот. Многумина велат дека е измислено ново фудбалско правило кое можеби би можело да почне да се применува и во другите лиги. Дефанзивецот на Интернационал, Виктор Габриел, е суспендиран сè додека напаѓачот на Крузеиро, Габриел Пек, целосно не закрепне.
Да појасниме што се случило. На натпреварот меѓу двата тима во рамките на тамошното првенство, Виктор Габриел направил ужасен старт. Тој ја промашил топката и притоа му ја скршил ногата на противникот. Пек останал да лежи на теренот, камерите веднаш ја прикажале неговата нога, а крв имало насекаде. Навреме да ве предупредиме, снимката што се наоѓа подолу е вознемирувачка...
🟥 Victor Gabriel recebe cartão vermelho direto por entrada muito forte em Gabriel Pec.#futebol #internacional #cruzeiro #brasileirão #ge pic.twitter.com/wGkk5nS58J
— ge (@geglobo) July 23, 2026
На почетокот Габриел се бунел, тврдејќи дека одел на топката, сè додека не му пришол на ривалот, не ја видел крвта и не сфатил каква глупост направил. Го напуштил теренот, а Крузеиро тој натпревар го добил со 2:1. Меѓутоа, тоа е прескапа цена ако се земе предвид дека Пек завршил на операција и го очекува долг период на закрепнување.
Затоа Спортскиот суд во Бразил донел одлука каква досега не е видена. Виктор Габриел е суспендиран сè додека Габриел Пек целосно не закрепне. Таа казна не може да трае подолго од шест месеци. Првичните процени се дека Пек би можел да се врати на теренот за три до четири месеци. Постои и можност за жалба на оваа одлука, па останува да се види дали Интернационал ќе се обиде да поднесе жалба.










