Грешка која чини 50 милиони евра: Борусија ќе плати цело богатство за играч кој го имаше договорено за смешна сума пред две години

Дерби

29/07/2026

13:10

368

Големина на фонт

а а а

Борусија Дортмунд низ годините се етаблираше како клуб кој вади максимална цена на младите ѕвезди кои се пробиваат на германската и европска сцена, а иако „милионерите“ важат за вистински мајстори кога се во прашање трансфер операциите, тоа не значи дека на „Сигнал Идуна парк“ не се прават пропусти.

Последен доказ за тоа е играчот кој го брка Борусија веќе неколку недели, а за кој најверојатно во блиска иднина ќе мора да плати 50 милиони евра за да го види во своите редови.

Станува збор за Саид Ел Мала од редовите на Келн, фудбалер кој стратосферски напредуваше во изминатите две години и кој беше на радарот на Борусија токму летото 2024-та година.

„Милионерите“ тогаш го имаа намирисано талентот на Викторија Келн и го имаа договорено за само 150 илјади евра, но како што пишува угледниот „Билд“, целата зделка пропаднала поради сомнежите на Ларс Рикен дека станува збор за играч кој ќе ги оправда средствата.

Иако трансферот беше договорен, Борусија се откажа и не ја активираше операцијата, а две години подоцна, истиот играч е проценет од Келн на 50 милиони евра.

Клубот од Дортмунд веќе имаше неуспешен обид да го ангажира за пакет вреден 42 милиони евра, па претпоставките се дека Борусија на крајот ќе мора да ги прифати барата на Келн и да издвои 50 милиони евра со цел да ја поправи грешката од пред две години.

Ел Мала има 19 години и важи за еден од најголемите потенцијали во германскиот фудбал, а доказ за тоа се и неговите 13 голови и 5 асистенции во минатата натпреварувачка сезона во Бундеслигата.