Сеск Фабрегас имаше извонреден раст како фудбалски стручњак во Комо и тоа го тера да го води тимот до уште повисоки скалила, а откако беше обезбеден историски пласман во Лигата на шампиони, јасно е дека пред клубот следи најпредизвикувачката сезона.
До оваа фаза од летниот преоден рок, Комо успеа да потврди три засилувања во имињата на Либерали, Мила и Каики и Фабрегас посочи дека е задоволен од тоа што го добил досега, но вели дека клубот најверојатно ќе се соочи и со еден несекојдневен проблем во премиерната сезона во Лигата на шампиони.
Тимот кој пред две години се натпреваруваше во Серија А, сега дојде до најзвучната елита во европскиот фудбал, но брзиот раст носи и проблеми околу исполнувањето на строгите УЕФА правила за регистрација на играчи во европските натпреварувања, особено во ситуација кога Комо нема младинска школа која ги исполнува пропишаните критериуми.
Поради недостаток на продукт од својата школа, Комо не ќе може да пријави доволен број играчи во Лигата на шампиони, па Фабре најави дека тимот може да се најде во несекојдневна ситуација со пријава на само 16 или 17 играчи.
– Постојат ограничувања за регистрација на играчите на УЕФА листата, особено поради тоа што нашата младинска школа не ги задоволува критериумите. Најверојатно во Лигата на шампионите ќе имаме на располагање само 16 или 17 играчи, ќе можеме да пријавиме само толку. Тоа значи дека во иднина мора да работиме на структурата и на младинската школа, мора да создаваме сопствени играчи. Сепак, тоа е процес кој трае и не може да се заврши во две или три години колку што ние сме дел од проектот, – изјави Фабрегас.
Дополнителен проблем за Комо е неисполнувањето на квотата на играчи кои доаѓаат од Италија, бидејќи Комо минатата сезона имаше само еден италијански играч кој во Серија А одигра само една минута.
Станува збор за Едоардо Голданига, па покрај тоа што Комо ќе мора да се насочи кон продукција на млади играчи во својата школа, во иднина ќе мора да се позанимава и со скаутинг на играчи кои доаѓаат од Италија, а не од странските земји.










