Били Ајлиш ги изненади обожавателите со својот изглед на снимањето на филмот „The Bell Jar“ во Торонто, каде што моментално ја снима својата прва голема филмска улога. Пејачката ќе дебитира на големото платно во адаптацијата на истоимениот роман на Силвија Плат, во режија на Сара Поли.
24-годишната музичарка ќе ја толкува Естер Гринвуд, 19-годишна студентка од Бостон, чија приказна е во центарот на еден од најпознатите романи на 20 век. На фотографиите од снимањето, Ајлиш е речиси непрепознатлива, облечена во жолт фустан со дезен, врз кој носела широка зелена јакна за да се стопли меѓу сцените.

На сетот била забележана и во широка светлосина кошула со засукани ракави, а изгледот го надополнила со црни чизми.
Во филмот глуми девојка која се бори со депресија
„The Bell Jar“ е филмска адаптација на романот на Силвија Плат од 1963 година, кој често се смета за полуавтобиографско дело. Приказната ја следи Естер Гринвуд, млада студентка која, по престижна пракса во списание во Њујорк во текот на 1953 година, почнува да минува низ сериозна психичка криза.
Нејзината депресија доведува до обид за самоубиство и хоспитализација, додека истовремено се обидува да се пронајде во општество кое од жените очекува строго определени улоги. И самата Ајлиш во текот на својата кариера отворено зборувала за својата борба со депресијата, анксиозноста и самоповредувањето, поради што нејзиниот избор за оваа улога привлече особено големо внимание во јавноста.

Во филмот ќе ѝ се придружи и оскаровката Кери Малиган, која ќе ја игра мајката на Естер, а дел од актерската екипа е и Конор Стори, познат по серијата „Heated Rivalry“.
Првата голема филмска улога за Ајлиш
Сара Поли, режисерката на наградуваниот филм „Women Talking“, со овој проект ќе го режира својот петти долгометражен филм. Претходно ги сними и остварувањата „Stories We Tell“, „Take This Waltz“ и „Away from Her“.
Кери Малиган зад себе има бројни забележителни улоги, меѓу кои се филмовите „An Education“, „Promising Young Woman“ и „Maestro“. Во текот на кариерата заработила три номинации за Оскар, а неодамна била номинирана и за наградата БАФТА за филмот „The Ballad of Wallis Island“.

Романот „The Bell Jar“ остана едно од најзначајните дела на Силвија Плат. Авторката пред објавувањето на книгата во 1963 година била на пракса во списанието „Mademoiselle“, а подоцна се лекувала во психијатриската болница „McLean“, поради што се верува дека дел од приказната за Естер ја темелела на сопствените животни искуства.
Плат починала во 1963 година на 30-годишна возраст, а нејзиниот единствен роман првично бил објавен под псевдонимот Викторија Лукас. По нејзината смрт, делото било поврзано со нејзиното вистинско име и станало едно од најпознатите книжевни остварувања за менталното здравје и созревањето.









