Македонската пејачка Кристина Арнаудова, ќерка на легендарниот Гоце Арнаудов, преку објава на својот Инстаграм профил упати сериозни критики кон дел од домашните поткасти и нивните автори, објаснувајќи и зошто никогаш не прифаќа покани за гостување во вакви емисии.
Според Арнаудова, денес многумина се претставуваат како медиуми само затоа што располагаат со камера и платформа на социјалните мрежи, иако, како што смета таа, им недостигаат професионалност, знаење и новинарски пристап.
„Пошто сега секој што има камера може да биде медиум, времето на неписмени мочковци е почнато. Сите што не можеле да станат било што, сега имаат поткаст“, напиша пејачката.

Таа оценува дека дел од водителите ги покануваат јавните личности исклучиво за да ја зголемат сопствената гледаност и популарност, притоа поставувајќи, како што наведува, несоодветни прашања без да размислат за угледот на своите гости.
„И тие мочковци викаат јавни личности, реализирани и успешни и им се качуваат како пијавици и пробуваат со бедни и неписмени прашања да создадат популарност, неважно дека ќе те деградираат, ги заболе за вас“, стои во нејзината објава.
Арнаудова не ги поштеди ниту јавните личности кои, според неа, прифаќаат да гостуваат во вакви формати, оценувајќи дека на тој начин им овозможуваат на авторите да создаваат содржина на нивна сметка. Сепак, нагласи дека постојат и исклучоци, но тие, според неа, се малубројни.

На крајот од објавата, таа порача дека токму ваквите искуства и ставови се причината поради која никогаш не прифаќа гостувања во поткасти.
„И тоа е одговорот зошто никогаш нема да гостувам нигде, како и досега. Башка што празни муабети се за празни глави“, напиша Арнаудова.
Инаку, Арнаудова е една од најпознатите македонски пејачки, а покрај музичката кариера е активна и како продуцент, композитор, текстописец и хуманитарец. Таа е основач и претседател на здружението за деца во социјален ризик „Проект Среќа“, преку кое со години реализира бројни хуманитарни активности.









