Актерската легенда Вилијам Шатнер и неговата ќерка Мелани Шатнер Греч открија дека во изминатите неколку години и двајцата се соочувале со тешка дијагноза – рак.
И двајцата се лекувале од болест во четврт стадиум, а во разговор за списанието „People“ раскажаа како си помагале еден на друг да ги пребродат најтешките моменти, како и дека целото искуство им го променило погледот кон животот.
Двоен удар за семејството
Сè започнало пред три години, кога Мелани (61) минувала низ исклучително тежок период за време на хемотерапијата поради рак на дојка.
„Бев целосно скршена. Му се јавив на татко ми среде ноќ и му реков дека мислам дека умирам“, се присети таа.
Само 15 минути подоцна, Вилијам Шатнер (95) пристигнал пред нејзината врата.
„Ме прегрна онака како што ме прегрнуваше додека сè уште бев девојче. Ми рече: ‘Ова е само една фаза во твојот живот. Ќе го пребродиш ова и еден ден ќе биде само спомен’“, раскажа Мелани.

Меѓутоа, додека нејзината здравствена состојба почнала да се подобрува, семејството во јуни 2023 година го дочекала нова тешка вест. На Шатнер му бил дијагностициран малигнен меланом во четврти стадиум, кој се проширил на белите дробови и мозокот.
„Се сеќавам дека си помислив дека немам сила да се грижам за себе, а во исто време да гледам како го губам татко ми“, рече Мелани.
Сепак, Шатнер и во таа ситуација го задржал својот оптимистички поглед кон животот.
„Ми рекоа: ‘Имате рак. Да дојдевте подоцна, немаше да преживеете’. Ете, тоа е мојот живот. Верувам дека универзумот се грижи за мене“, изјави актерот, најпознат по улогата на капетанот Кирк во серијалот „Star Trek“.
Тешко лекување и закрепнување
Мелани случајно напипала грутка на дојката во јули 2022 година, иако само пет месеци претходно имала уреден наод од мамографија.
Побарала дополнителни прегледи, а ултразвукот покажал промена токму на местото на кое самата укажала.
„Техничарката ја постави сондата токму таму каде што ѝ покажав и тивко рече: ‘Ова сигурно ќе го пропуштев’“, раскажа таа.

Прегледите потврдиле HER2-позитивен рак на дојка. Во следната година и пол поминала низ хемотерапија, двојна мастектомија и 30 циклуси зрачење.
Во исто време, лекарите почнале да се сомневаат и во промена на образот на Шатнер. Откако неговиот матичен лекар му рекол дека можеби станува збор за затната жлезда, негов пријател, пластичен хирург, му препорачал да ја отстрани промената.
Се покажало дека станува збор за тумор. По операцијата следувале две години имунотерапија поради метастазите што се прошириле на белите дробови и мозокот.
Шатнер за време на лекувањето на ќерка си ѝ бил голема финансиска поддршка.
„Ми рече: ‘Не грижи се за парите, само испраќај ми ги сметките’“, рече Мелани.
Таа додаде дека татко ѝ се обидувал да ја насмее дури и во најтешките моменти.
„По една година ми рече: ‘Мора да оздравиш, инаку ќе банкротираме!’“, се присети низ смеа.

Нов поглед кон животот
До крајот на 2024 година и Вилијам и Мелани добиле добри вести и биле прогласени за здрави, без знаци на болеста.
Тешкото искуство целосно им ги променило приоритетите.
„Размислувам за чудото на колибрито, за моето куче, за моите деца. Свесен сум за убавината на сè што нè опкружува“, рече Шатнер.
Своето искуство решиле да го споделат и со другите преку новиот поткаст „No Time but Now“, во кој ќе разговараат со здравствени експерти и луѓе кои поминале низ тешки животни ситуации.
„Победата над ракот ми го промени животот. Повеќе не се плашам. Чувствувам голема слобода и радост“, рече Мелани.
Шатнер, кој и понатаму активно работи и планира да објави нови книги и музички албуми, вели дека денес се чувствува подобро отколку во претходните години.
„Поздрав сум отколку што бев со години. Мозокот е како мускул – мора постојано да го користиш“, порача тој.

„Наследството не се работите што ги оставаме зад себе“
Таткото и ќерката се свесни колку е минлив животот. Мелани во разговорот му рекла на татко си дека верува оти ќе го надживее.
„Ако си заминеш пред мене, нема да се плашам, бидејќи знам дека ќе бидеш таму за да ме пречекаш“, му рекла.
Шатнер на тоа одговорил во свој стил: „Тоа е огромна одговорност“.
Зборувајќи за наследството што сака да го остави зад себе, актерот не ги спомнал славата ниту материјалните работи.
„Спомениците еден ден ќе се урнат. Она што останува се добрите дела и помошта на другите. Тоа е она што трае низ времето“, заклучил тој.














